Италијанскиот премиер Драги вечерва поднесува оставка

EPA/ANGELO CARCONI

Марио Драги изјави дека ќе поднесе оставка на должноста италијански премиер подоцна во четвртокот, откако партија која е во неговата владејачка коалиција не учествуваше во гласањето за доверба.

„Вечерва ќе му поднесам оставка на претседателот на Републиката“, изјавил Драги според соопштението коешто го објави неговиот кабинет.

„Коалицијата на националното единство која ја поддржа оваа влада повеќе не постои“, додал Драги, поранешен претседател на Европската централна банка (ECB) кој е премиер на широката коалиција во февруари 2021 година.

Гласањето доверба стана жариште на тензии во владата на Драги, додека партиите од владејачката коалиција се подготвуваат за пресметка на националните општи избори на почетокот од 2023 година.

Одлуката на порано евроскептичното и антиестаблишмент Движење пет ѕвезди (М5S) да го бојкотира гласањето за доверба во четвртокот ја турна Италија во политичка неизвесност, што може да ги поткопа настојувањата да се обезбедат повеќе милијарди евра од фондовите на Европската унија, за да може земјата да се справи со последиците од големата суша, како и да обезбеди снабдување со енергенси по настојувањата да се откаже од руските нафта и гас.

Драги пред гласањето ги зголеми влоговите изјавувајќи дека не сака да води влада без M5S, којашто стана најголемата партија на претходните парламентарни избори во 2018 година, но менувајќи го политичкиот ракурс постепено ја губеше поддршката на јавноста.

Овие потези може да доведат до предвремени парламентарни избори веќе во септември или октомври, откако другите коалициски партии оценија дека треба да се одржат доколку M5S повеќе не ја поддржува владата.