Италијански бизнисмени заинтересирани да инвестираат во земјава

Италијанска делегација деновиве ја посети Македонија на иницијатива на Министерот  за странски инвестиции, Џери Наумоф, со цел реализирање на потенцијални инвестициски проекти.  Оваа делегација  беше составена од претставници на италијански компании  во текстилната индустрија, земјоделството, сектор производство и информатичките технологии.

Претставниците на овие компании се специјализирани во областа на  корпоративни спојувања и аквизиции,  како и на инвестирање во странство и работат со најдобрите италијански асоцијации и стопански комори. Свои канцеларии имаат во Рим, Палермо и Милано.

Иван Бехаре, сопственик на адвокатското студио во Милано „Legale Behare“ кое е специјализирано за давање на надворешни консултантски услуги, по вторпат ја посети Македонија за да во соработка со министерот Наумоф отвори канцеларија со цел посредување со италијанските бизнисмени кои ќе отворат или ќе го прошират својот бизнис во Македонија. Се работи за компании од областа на информатичките технологии,  компанија која е производител на сигурносна опрема, тим кој ќе развива кардио медицински туризам, развивање на проекти од областа на енергетиката и компанија која се занимава со истражување, проектирање и инженеринг.

Според изјавата на Бехаре, италијанските компании се посветени на инвестирање во Македонија поради конкурентните трошоци за водење на бизнис, образованата работна сила и логистичка предност. Италија е блиску до Македонија, лесно достапна со редовни авионски конекции.  Бизнис -пријателската средина во Македонија претставува големо олеснување  во споредба со италијанската бизнис клима базирана на зголемени даноци и затегнати регулативи.

Италијанските претставници планираат инвестициски проекти во Македонија препознавајќи ги про – бизнис предности кои Македонија ги нуди. Следниот месец предвидуваме неколку компании да ја посетат Македонија како би ја донеле својата одлука за избор на локација.

Посетата на италијанската делегација вклучуваше посета на  технолошко индустриските развојни зони а исто така беше остварена средба со директорот на ТекноХозе.  Деновиве беа остварени и средби со претставници во Министерството за земјоделство, со претставници на Агенцијата за поддршка на туризмот каде беа презентирани  туристичките потенцијали на Македонија , беше остварена посета на успешна ИТ компанија како и посета на реномирани правни, сметководствени и  менаџерски консултантски  фирми.

Министерот Наумоф и неговиот кабинет  исто така работат и со други брзорастечки мали и средни италијански компании кои поставуваат свои бизниси во Македонија . Овие инвестициски проекти ќе вработат одлични работници со надпросечни плати, а исто така ќе се создаде трансфер на знаење.