Италијански суд одобри заплена на 49 милиони евра на владејачката Лига

Италијански суд одлучи во четвртокот дека обвинителството може да заплени имот на владејачката италијанска партија Лига, изјавил судски извор за мерката којашто се очекува да ѝ нанесе удар на партијата којашто не е омилена во Брисел, но нејзиниот челник ги отфрла ваквите мислење и тврди дека Италијаните се со нив.

Обвинителството во Џенова може веднаш да започне со заплената на 48,9 милиони евра од банкарските сметки на партијата и претпријатијата со коишто е поврзана, рекол извор за агенцијата Reuters. Меѓутоа партијата од крајната десница има право да се жали на ваквата одлука.

Обвинителството започна со истрага откако основачот и поранешниот лидер на партијата Лига, тогаш Северна Лига, Умберто Боси, беше обвинет дека незаконски трошел партиски пари за семејни трошоци во периодот од 2008 до 2010 години.

Истражните судии пронашле околу 3 милиона евра на сметка на партијата, а судски извор рекол дека е можно некои средства да се префлрени на сметки во странство за да се избегне заплената.

Актуелниот челник на Лига, кој воедно е и вицепремиер и министер за внатрешни работи, Матео Салвини, не ѝ придава многу важноста на судската одлука за заплена.

„Воопшто не сум вознемирен, бидејќи работите за кои се обвинува се случиле пред осум, девет години… И да ни одземат се’, ќе останеме во политиката бидејќи народот е на наша страна“, изјавил Салвини за новинарите.

Евроскептичната и антидоселеничка партија Лига, самостојно на парламентарните избори во март освои 17 отсто, а денес незјината популарност порасна на 30 отсто поддршка со што веќе и го мина антиестаблишмент и евроскептичното Движење пет ѕвезди, кое на изборите во март, како и на претходните парламентарни избори, беше поединечно најголемата политичка сила во Италија. Двете партии, инаку, ја сочунуваат актуелната владејачка коалиција.