Италијанскиот левичарски терорист Батисти ги призна убиствата од 1970-те

Пораншениот левичарски терорист Чезаре Батисти првпат признал дека извршил четири убиства во 1970-те години, откако со децении негираше какви и да се злосторства, и им се извини на семејствата на жртвите, објави во понеделникот обвинителството.

Чезаре Батисти беше екстрадиран во Италија во јануари годинава по речиси четири децении бегство, делумно во Франција делумно во Бразил. Батисти со години се криеше во Бразил, бидејќи тамошните левичарски влади одбиваа да го испорачаат во Италија. Меѓутоа, политичката клима во оваа латиноамериканска земја се промени на почетокот од јануари со доаѓањето на власта десничарскиот претседател Жаир Болсонаро кој најави „мал подарок за Италија“. Стравувајќи од екстрадирање, Батисти еден месец претходно побегна од Бразил во Боливија, но сепак беше уапсен.

„Имаше засолниште со децении, благодарејќи на имиџот на невина жртва на политичкиот прогон. Сега реши работите да ги изнесе на виделина“, изјави во понеделникот обвинителот Алберто Нобили, шеф на антитерористичкиот одел во Милано.

Основачот на италијанската радикална лева групација Вооружени пролетери за комунизам, Батисти, беше осуден во отсуство во 1993 година за четири политички убиства извршени во доцните 1970-те години, од кои на двајца полицајци. Побегна од италијански затвор во 1981 година и замина во Франција, каде што се занимаваше со пишување криминалистички романи, пред да замине за Бразил.

Овој 64-годишник досега тврдеше дека е невин. Во текот на ткн италијански „оловни години“ од 1960-те до 1980-те години, Италија ја тресеше левичарското и десничарското политичко насилство во коешто животите ги загубија стотици лица.

Претходно Батисти ја призна припадноста на споменатото движење, но десега негираше своја вмешаност во убиствата. Испитуван бил во затворот во текот на минатиот викенд, а обвинителот Нобили за медиумите ги цитираше неговите зборови: „Кога убивав мислев дека водам праведна војна. Сега ги сфаќам злосторствата коишто ги сторив и им се извинувам на семејствата на жртвите“.

Неговиот адвокат Давиде Стечанеља потврди дека Батисти признал но и негира дека признавањето има некава врска со тоа што неговиот клиент бара подобри затворски услови или евентуално намалување на затворската казна. „Мојот клиент одлучи да појасни кој бил во своите дваесетти години, а кој е сега“, рече бранителот.