Италијанскиот тинејџер Моизе Кен од Јувентус во Евертон

Деветнаесетгодишниот црномурест италијански напаѓач Моизе Кен од екипата на торински Јувентус се пресели во редовите на англискиот премиерлигаш Евертон, со кој потпиша петгодишен договор, објави во неделата клубот од Ливерпул без да ги открие финансиските детали од трансферот.

Во британските медиуми се појави информацијата дека Евертон за овој трансфер се согласил на Јувентус да му исплати 36 милиони фунти, вклучително и фиксниот и варијабилниот дел од отштетата.

„Горд сум и почестен што ќе го носам дресот на Евертон. Ќе дадам сѐ од себе за оваа екипа“, истакнува во писмената изјава за медиумите 19-годишниот италијански репрезентативец по потекло од Брегот на слоновата коска.

Кен за Јувентус дебитираше со 16 години, а минатата сезона постигна шест голови во Серија А, давајќи свој придонес за осмата последователна тутила на „Старата дама“.

За сениорската селекција на Италија дебитираше на 20-ти ноември минатата 2018 година во пријателскиот дуел со САД. По дебито во двата натпревара од квалификациите за ЕУРО 2020 постигна по еден погодок, еден против Финска во победата од 2:0, и во демолирањето со 6:0 на Лихтенштајн.

„Напаѓач ни беше приоритет во преодниот рок. Моизе е силен, брз и со многу добри карактеристики за напаѓач, а има само 19 години. Талентиран е и подготвен да работи на своето напредување, што на нашиот тим ќе му донесе некои нови опции“, изјави Марко Силва, менаџерот на Евертом.

Евертон првиот натпревар од новата сезона во Премиер лигата ќе го игра следната сабота на гости кај Кристал Палас.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.