Вицепремиерот Салвини во судир со победникот на „Сан Ремо“ – не бил чист Италијанец

Коментарот на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, кој е министер за внатрешни работи и лидер на десничарската и антимигрантска партија „Лига“, за  изведувачот на песната „Пари”, која победи на фестивалот во Сан Ремо, разви полемика во Италија, пренесе Франс прес.

Штом стана јасно дека пејачот Мамуд, чија мајка е Италијанка, а татко Египќанец, ја освои главната награда на фестивалот, со песна во која има ориентални мотиви, на Твитер Салвини напиша: „Мамуд … Уф … Најубавата италијанска песна? Би го одбрал Ултимо, што мислите?“

Инаку Ултимо е второпласираниот пејач на овогодишното издание на Сан Ремо.

Самиот Алесандро Мамуд, му одговори на вицепремиерот дека е 100 отсто Италијанец.

Поранешната партнерка на Салвини – телевизиската ѕвезда Елиза Изоарди, пак ја поздрави победата на Мамуд на фестивалот, нарекувајќи ја „илустрација дека средбата на различни култури предизвикува убавина”. Критичарите на Салвини го советуваа да учи од нејзиниот говор.

Мамуд вчеравечер изненади на фестивалот во Сан Ремо, бидејќи освои само 14 проценти од гласовите од гледачите, но ја доби довербата од жирито и така тој победи, потсетува Франс прес. Повеќето гледачи (46 проценти) го поддржа пејачот Ултимо. По гласањето на жирито сепак Ултимо, чие вистинско име е Николо Мориконе, остана на второто место.

По неочекуваната победа на Мамуд, на социјалните мрежи се појавија и коментари дека имало манипулации во резултатите и дека некој „едноставно го назначил победникот”.