Италијанското правосудство отвори истрага против министерот за внатрешни поради мигрантски брод

Италијанското правосудство отвори истрага против министерот за внатрешни работи Матео Салвини поради „противправно задржување луѓе, илегални апсења и злоупотреба на власта“ во врска со имигрантите на бродот „Diciotti“, пренесуваат во саботата италијанските медиуми.

Истрагата ја отворило обвинителството во градот Агриџенте на Сицилија, но ќе ја води судот во Палермо, главниот град на овој јужен островски регион, објавиле извори.

Одлуката обвинителството ја донело откако испитало два високи функционера на министерството за внатрешни работи во саботата во Рим за да го разбере синџирот на командување и кој ја издал наредбата за забрана на истоварување на имигрантите на италијанска територија.

На ваквата активност одговори министерот за внатрешни работи Матео Салвини најавувајќи дека нема да се откаже од својата борба против големата и нелегални имиграција.

„Тие (истражните судии) може да ме уапсат, но не и волјата на 60 милиони Италијанци, коишто во мнозинство ја поддржуваат мојата политика“, порача Салвини од политички собир на северот на Италија.

Бродот „Diciotti“ собрал вкупно 190 имигранти на 16-ти декември и во понеделникот пристанал во Катанија, но италијанската влада одби да дозволи истоварување на сите имигранти, додека другите европски земји не се согласат да ги прифатат. Здравствени службеници во пристаништето во Катанија наредија во саботата истоварување на 16 од 150 имигранти од бродот „Diciotti“ поради сомневање дека двајца болни на бродот се заразени од туберколоза.

Во италијанските пристаништа последните години пристигнаа стотици илјади имигранти, а новата влада која ја сочинуваат евроскептичното и антиестаблишмент Движење пет ѕвезди и крајно десната евроскептична и антидоселеничка партија Лига, чиј лидер е Матео Салвини, сега бара од Европската унија имигрантите рамномерно да ги распредели во другите земји членки.

Претставниците на земјите членки на ЕУ се собраа во петокот да разговараат за долгорочно решение на проблемот со спасувањето на имигрантите во Средоземјето. Но разговорите не дадоа резултат, бидејќи државите членки не можеа да се договорат за новите стандардни процедури за распределба на имигрантите. Италија притоа се заканува дека ќе престане да уплаќа пари во европскиот буџет, доколку не се изнајде решение.