Итен состанок во Белград за повисоката царина на Косово

Земјоделците и трговците од земјава веќе седум дена трпат сериозни штети како последица на косовската времена мерка за зголемени царини при увоз на овошје и зеленчук. Извоз од земјава речиси и да нема, а производите скапуваат. Доколку одлуката не се укине, штетите ќе надминат 3 милиони евра.

Коморите апелираат да се изврши притисок за Косово да ја укине одлуката. Сметаат дека тоа е единствено исправно решение. Воведувањето контра мерки, според нив, само дополнително ќе и наштети на целата економија.

Стопанствениците од земјава, кои се во комуникација со своите колеги од Косово, велат дека и двете страни се затечени од ваквата одлука на Приштина.

Во текот на денешниов ден се очекува косовската Влада да се произнесе околу одлуката за зголемените царини за увозно овошје и зеленчук. Надлежните од земјава очекуваат позитивен исход, односно повлекување на мерката, што ќе биде во сечиј интерес.

За утре е договорена средба на ресорните министри од регионот. Целта на состанокот што ќе се одржи во Белград е да се заземе заеднички став во однос на косовската мерка.

Приштина донесе одлука за 30% повисока царина при увоз на вкупно 21 сорта овошје и зеленчук. Мерката стапи во сила на 18 јули.