18.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

Итна реформа на Европската Унија – појасно, здравје!

страшо ангеловски

Долгоочекуваните, во многу нешта прикажувани како референдумски, европарламентарни избори, завршија. Резултатите, колку и да сака некој да ги релативизира, или да ги прикаже вака или онака, се повеќе од јасни. Најголем пораз на европските избори доживеаја двете најголеми групации во Европскиот парламент –  Европската Народна Партија и групацијата на Социјалдемократите, кои изгубија по дури 40 места во Европарламентот. Тоа ќе рече дека најголем пораз доживеаја раскомотените, разгаќени бирократи од овие две групации. Раскомотени до ниво на отуѓеност од сопствените гласачи, отуѓени од интересите на сопствените држави и народи кои треба да ги претставуваат во Европскиот парламент. Оние бирократи кои се занимаваа самите со себе, со своите лични потреби и интереси, со непотребни и јалови расправи, наместо со суштински прашања за иднината на Европа.

Појасно,здравје.

Алтернативата – насушна потреба

Втората јасна и недвосмислена порака, која гласачите ја испратија е потребата од алтернатива, токму на ваквата избирократизирана европска левица и десница, која како измислен центар лево и центар десно, во договор за поделба на власта на ниво на Европска Унија, владееше последниве две децении, самозадоволна и убедена во својата бесмртност. Европска левица и десница, која идеолошки престана да се разликува, па дури почна да се прелева од лево во десно и обратно, а чиј заеднички непријател беа сите кои бараа промени во интерес токму на Европската Унија, но пред се’ во интерес на европските држави и народи. Појасно, здравје!

Реформи, а не уништување

Па така, групацијата на Либералите и двојно повеќе на Зелените, после овие избори се наметнуваат како сериозна алтернатива на стерилните европски центар леви социјалдемократи (што и да значи тоа), додека Суверенистичките партии, кои беа најсатанизирани во предизборието, но чија сатанизација продолжува и по изборите, се наметнуваат како алтернатива на безидејната центар десна Европска Народна Партија (што и да значи и тоа). Или, пораката на гласачите е јасна, тие бараат јасно определени леви и десни политички партии, со јасни ставови и понуди за промена на јаловиот бирократски систем на владеење со Унијата. Пораката на гласачите се содржи во една реченица од пораката на претседателот на партијата Алтернатива за Германија, Јорг Мојтен, која гласи: „Сакаме да ги реформираме Европската Унија и Европскиот Парламент, а не да ги уништиме“. Појасно, здравје!

Вирусот „Колакушиќ“

Интересно за анализа секако е и случувањето во Република Хрватска, каде човек поранешен судија, Мислав Колакушиќ, кој никогаш не се занимавал со политика, влегува во трката за европратеник со една и единствена порака, која парафразирано гласи дека ќе ги затвори сите криминални и корумпирани политичари. Порака, речиси слична на „Невозможна мисија – 7“, но толку убава за ушите на огорчениот и онеправдан обичен граѓанин во Хрватска, што господинот Колакушиќ на изненадување на сите станува европратеник и вирус кој ќе се шири низ европските држави. И повторно – појасно здравје!

Потврда на Брегзит

Победата на партијата на Најџел Фараж во Велика Британија, која е најцврстиот поборник на британското напуштање на Европската Унија, а која самостојно освои 21 пратеничко место, или две повеќе од сите останати партии заедно, недвосмислено го отсликува расположението на гласачите во Британија и неуспехот на неолибералната машинерија, со веќе видени методи, да создаде поинаква слика. Патот на Британија, која има претензии да биде еден од учесниците на новата конференција „Јалта“ е исцртан со Брегзит. Појасно, здравје!

Во Европа преку Гвадалупе и Мартиник

За да им биде појасно на македонските граѓани, посебно на оние со заложба за промена на името на Република Македонија, кој се’ во моментов, гласајќи на европарламентарните избори, одлучува за иднината на европскиот континент, чиј, според географската бруталност, нераскинлив дел е и Република Македонија, ќе ги наведам француските прекуморски Департмани. На француски „Departements et territoires d ontre – mer“, колоквијално нарекувани со акронимот „DOM – TOM“, име за сите територии надвор од Европа со кои управува Франција. Тоа се: Гвадалупе, Мартиник, Француска Гвајана, Реунион и Мајот. Распослани некаде по океаните, оддалечени од Европа, некои од нив и со илјадници километри, како на пример, најоддалечените Мајот и Реунион, на југот на Африка, а чии граѓани гласајќи на европарламентарните избори, одлучуваат за иднината на стариот континент.

Истовремено, македонскиот народ за да има исти права, со на пример граѓаните на Гвадалупе, или Мартиник, треба да се самоукине себе си и сопствената држава. Па така, за приемот на македонскиот народ, народ кој на дел од европскиот континент му ја подарил писменоста, во европското семејство на народите одлучуваат и народите од Француска Гвајана, Гвадалупе, Мартиник…

Во лудилото на европските бирократи и македонските вазали, ние Македонците сме подалеку и од „DOM – TOM“ и од Мајот и Реунион, таму, отаде јужна Африка. А, со промената на името, за жал, не се доближивме ниту за педа до Гвадалупе, Мартиник и Француска Гвајана. Дури се оддалечивме од нив, далеку посеверно. Да не беше застрашувачки и ужасно за нашиот опстанок, ќе беше повеќе од смешно. За жал – појасно, здравје!

Затоа, сите кои учествувавте во промената на името, фаќајте патот за Гвадалупе, додека не биде доцна. Оттаму имате само неколку илјади километри до Брисел. Не е недостижно, ако тргнете на време.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес