Итна седница на Собранието за разрешување на Филипче и Хасани побара ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе иницијатива за свикување итна седница на Собранието со две точки на дневен ред – Одлука за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче и Одлука за разрешување на заменикот министер за здравство Илир Хасани, соопшти пратеникот Антонијо Милошоски.

– Нашето прашање до собраниското мнозинство и до Владата е уште колку луѓе треба живи да изгорат како пациенти за да се понесе политичка и објективна одговорност за ваквата трагедија која што е резултат на неодговорноста на власта? – рече тој.

Пратеникот потсети дека во Романија пред 5 дена се случи пожар во болница со загубени 5 човечки животи.

– Во Македонија пред еден месец изгоре модуларната болница во Тетово, но во Романија падна целата Влада, а во Македонија падна продолжниот кабел со кој што премиерот Заев ја потценува интелигенцијата на сите граѓани и сака да ја сокрие одговорноста на неговиот инкасатор Венко Филипче, министер за здравство. Затоа сметаме дека зелената агенда на ДУИ и СДСМ, за жал, изгоре со тетовската модуларна болница, со која што изгоре и принципот за политичка и објективна одговорност на носителите на јавни функции кои што треба да се грижат за здравјето на граѓаните, а гледаме дека здравјето и животите на 14 луѓе беа колатерална штета на неодговорната власт – додаде Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ очекува претседателот на Собранието согласно членовите 67 и 68 да ја закаже седницата на Собранието во рок пократок од 10 дена, бидејќи смета дека оваа состојба е од итен карактер и треба итно да се разреши.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.