Итни оставки од неколку министри, запирање на повисоките даноци, решение за чист воздух…

Денеска почнуваме со списокот на барања коишто ќе ги доставиме до владата, народот ќе почне да бара од владата, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Мора да ги избркаме од Владата криминалците ако сакаме во Европа, порача во неделата опозицискиот челник Христијан Мицковски од протестот во Кочани.

Итна и неотповиклива оставка на министерот за надворешни работи Никола Димитров, којшто својата нација ја нарече искомплексирана нација. Министерот којшто благодарение на оваа нација, која го полни буџетот зема плата, ужива во привилегиите да се школува неговото семејство надвор од Република Македонија, со стипендиите што овој народ ги обезбедил. Итна и неотповиклива оставка за министерот за терор и прогон, односно полиција, Оливер Спасовски. Да сопре иницијативата од владата за зголемување на даноците во Република Македонија и да престане осиромашувањето на бизнисот. Продолжување на проектот за гасификација на Македонија. Да се формира независно тело кое што ќе го предводи човек предложен од опозицијата, кое што ќе ги преслуша, анализира, систематизира сите материјали кои се собрани зиминативе две години како резултат на црниот „Вотергејт“ на Заев. Почитување на јасно изразената волја на народот на референдум. Ова се првите шест барања, продолжуваме и понатаму со нови барања“, рече Мицкоски во обраќањето од Кочани.

Праша каде се ветените 100.000 денари плата за македонските доктор, потсетувајќи на предиборните ветувања на актуелната власта.

„Наспроти тоа добивме масовно иселување на докторите. Заминуваат трајно или времено надвор. Зарем не е црно здравството во кое ветуваа огромни инвестиции. Ветуваа ќе вложеле милиони, милијарди. А што направија? Еден сограѓанин мој, скопјанец, го загуби животот, почина затоа што не му следувале лекови да ја надмине тешката болест од која што боледувал. И денес ќе го слушнеме оној несреќен министер, наместо да каже дека поднесува неотповиклива оставка, тој вели дека обезбедил лекови, ама пустиот човек немал среќа да дојде, па починал. Срам да ви е, од прв до последен. Барем еден да се одважеше да понесе одговорност“, порача Мицкоски.

Не може во Европа со криминални тендери, не може во Европа со крвави иновации, таму такви не примаат, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот протестен марш во Кочани.

„Во Европа не примаат фамилијарни кланови каде брат на брата парцели дава, за да млати милиони. Такви примери во Европа нема. Прво треба тоа да го промениме, а потоа да работиме пет пати повеќе и тогаш ќе отидеме во Европа. Со подвиткана кичма и изгубено достоинство, пљачка и криминал, Европа не нè сака. Тоа треба на сите да им е јасно. Па дури и да се промениоме скроз, не само името, комплетно да се промениме, ако не успееме ова да го поништиме, ние во Европа не можеме да отидеме. Треба тоа на сите јасно и гласно да им се каже. Мора да работиме. Мора чесно, одважно, достоинствено да работиме. Мора да сме принципиелни и честити. Само такви во Европа ќе отидеме како горди Македонци од Македонија, а не понижени и омаловажени од овие лопови, од овие криминалци,“ порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со Влада во која има криминалци, Македонија не може да влезе во Европа.

„На 112-то место сме на скалата според перцепција на корупцијата. Танзанија и Етиопија се позади нас. Зарем така во Европа ќе одиме? Секаде во Европа државата се бори против криминалот, само во Македонија криминалот и криминалците се држава. Мора да ги избркаме од Владата ако сакаме во Европа. Дури тогаш можеме да одиме напред“, порача Мицкоски.