Иванов: Атина не придонесува за надминување на спорот со името

Атина настапува од позиција на сила, излегува од рамката на разговорите во спорот со името и не придонесува за изнаоѓање на заемно прифатливо решение, вели Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во интервју за дневниот весник „Дневник“.

По последната посета на медијаторот во спорот со името Метју Нимиц на Скопје и Атина, македонскиот претседател за „Дневник“ оценува дека потребно да се изврши притисок кон Грција што ќе резултира со почитување на меѓународното право и меѓународно превземените обврски.

„Наместо одговор слушаме изјави кои како да доаѓаат од некое дамнешно време кога со леснотија се убиваа, протеруваа, се асимилираа луѓе кои имаа друг идентитет, друг јазик, други имиња и презимиња. Кога со леснотија се кршеа сите по ред човекови права и се погазуваше човечкото достоинство“, вели претседателот Иванов.

„За секој нормален човек на планетава несфатливо е, денес во 21 век, некои да одбиваат да поверуваат дека Република Македонија е реалност на Балканот и реалност во Европа. Несфатливо е денес некому да му го негирате неговиот јазик, неговиот идентитет. Несфатливо е некој сеуште да ни го негира нашето право да постоиме и да бидеме она што сме, она што отсекогаш сме биле“, вели претседателот Иванов.

По последните изјави на германската канцеларка Ангела Меркел поврзани со спорот со името, претседателот Иванов смета дека директното вклучување на моќните европски држави во надминувањето на проблемот со македонските евроинтеграции е добредојдено за конечно да ја напуштиме статус кво состојбата.

„Проблемот со кочењето на македонските евроинтеграции е проблем и на ЕУ, и тоа е одговорност на сите членки на ЕУ. Тоа лично и го кажав и на канцеларката Меркел во Дубровник. И укажав дека со самото тоа што освен името се спомнува и идентитетот е излегување од рамката во која се водат разговорите и не дава надеж дека е можно да се најде решение“, вели претседателот Иванов.

Според македонскиот претседател, охрабрува заклучокот произлезен од состанокот на лидерите од Брдо-Бриони процесот, одржан во Дубровник, во кој се изразува надеж дека Европскиот совет ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија, имајќи предвид можност за паралелни пристапни преговори и решавање на билатералните разлики.