Иванов – Бокова: Македонија ги поддржува програмите на УНЕСКО за заштита на културно–историското наследство

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Аман оствари средба со генералнот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, на која е разговарано за тековните и идните активности и проекти на Република Македонија во соработка со светската организација за образование, наука и култура.

Двајцата соговорници, соопштија од Кабинетот на претседателот, ја потврдија одличната соработка меѓу Република Македонија и УНЕСКО и изразија подготвеност за нејзино проширување во насока на натамошна реализација на проекти од областите на културата, образованието, науката, комуникациите, информациите, и во однос на програмите за млади и граѓанското општество.

Иванов истакнал дека Република Македонија придава големо значење на соработката со УНЕСКО и активно ги промовира и учествува во нејзините активности и иницијативи.

„Република Македонија ги поддржува програмите на УНЕСКО и ние сме исклучително посветени во напорите за заштита на изобилното природно и културно-историско наследство кое го имаме, посочи македонскиот претседател и изрази благодарност за поддршката која УНЕСКО континуирано и ја дава на Република Македонија преку проекти реализирани во рамките на мултилатералната и директната соработка“, рекол Иванов.

На средбата се разменети мислења околу актуелните случувања во Република Македонија на политички план, информации за улогата на УНЕСКО во однос на бегалската криза,  како и за актуелностите и реформските процеси во светската организација. Во таа насока, Бокова го информирала претседателот Иванов за предизвиците со кои се соочува УНЕСКО.