Иванов: Бугарското претседателство го врати интересот на ЕУ за регионот

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, за време на официјалната посета на Република Бугарија го посети Културно информативниот центар на Република Македонија во Софија, каде се сретна со македонски граѓани, стопанственици и културни дејци кои живеат и работат во Република Бугарија.

Говорејќи за односите меѓу двете земји, претседателот Иванов оцени дека Договорот за добрососедство и соработка отвори нови перпективи и создаде нов амбиент во билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија и оцени дека со шестмесечното претседателство со ЕУ, Бугарија успеа да го врати фокусот на унијата кон регионот.

Бугарија, со своето претседавање со Европската унија ни помогна нам и на целиот регион, бидејќи нашиот регион, на некој начин, беше на маргините на интересот на Европската унија. Сега сме повторно вратени на европската агенда, рече претседателот Иванов.

За време на официјалната посета на Бугарија, претседателот Иванов одржа средба со нерезидентни амбасадори на странски земји акредитирани во Софија за Република Македонија. Иванов на средбата ја истакна потребата од взаемни засилени активности во насока на унапредување на севкупната соработка со Република Македонија, особено во однос на економската соработка.
Вчера, претседателот Иванов во Софија оствари средба со претседателот на Република Бугарија, г. Румен Радев, и со претседателот на Народното Собрание на Република Бугарија, г-ѓа Цвета Карајанчева. За време на официјалната посета на Софија, претседателот Иванов оствари средба и со поранешниот бугарски претседател, г. Петар Стојанов.