Иванов: Да останеме верни на вековната традиција на соживот преку меѓусебно разбирање и почитување

Претседателот Ѓорѓе Иванов имаше свое новогодишно обраќање до нацијата по повод претстојните празници.

Неговото обраќање интегрално ви го пренесуваме.

На прагот сме на новата година. Тоа е можност да се потсетиме на успесите што сме ги постигнале, предизвиците со кои сме се соочиле, но и да бидеме благодарни за нештата со кои сме дарувани. Љубовта на нашите најблиски. Топлината на нашите домови. Мирот, безбедноста и сигурноста на нашата татковина Македонија.

Ова е време на обновена решителност, оптимизам и надеж. Време на солидарност и милосрдност кон помалку среќните и кон изнемоштените. Но, и време на благодарност кон храбрите чувари на нашата безбедност, поради кои и вечерва Македонија може мирно и безгрижно да прославува. 

Како држава славевме победи и се соочувавме со падови. Бевме признавани, но и блокирани. Но, најважно од сè, остануваме доследни на вистинските вредности и упорни во остварувањето на нашите праведни цели и стратегиски определби.

На тој наш пат не смееме да заборавиме дека, каква Македонија ќе градиме, таква ќе ја имаме. Затоа, во сè што правиме, да го вложуваме најдоброто од нас. Како родители и деца, соседи и пријатели, како учители и ученици, работодавачи и вработени, да бидеме полни со љубов, жедни за знаење и посветени на успехот. Да останеме верни на вековната традиција на соживот, преку меѓусебно разбирање, прифаќање и почитување.

И најважно од сè, да се престигнуваме во добрина.

Им посакувам на сите граѓани на Република Македонија во татковината, но и надвор од неа, среќни и радосни новогодишни и божиќни празници.