Иванов ги поништи сите преостанати одлуки за аболиција

Изминаа десет дена откако донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за вкупно дваесет и двајца политички експонирани лица, се вели во писмената изјава на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

-Оттогаш, сите други лица, согласно законските измени, имаа можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Меѓутоа и покрај декларативните најави на дел од нив во јавноста дека ќе го сторат тоа, досега ниту еден од помилуваните не поднесе барање за поништување на одлуките за нивно помилување. Во овие десет дена бевме сведоци на различни толкувања на оваа одлука на поларизираната политичка сцена и обиди да се освојат ситни дневно – политички поени преку оваа одлука за која како и тогаш, така и сега сум уверен дека ќе придонесе за национално помирување и ќе понуди излез од политичката криза во Република Македонија. Поради ова, денеска  донесов одлука да ги поништам и преостанатите одлуки за помилување кои ги донесов на 12 април, се вели во писмената изјава на Иванов.

Тој уште еднаш потсетува дека за разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија.

-Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции, кои можат да се справат со предизвиците, вели шефот на државата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.