Иванов го обвини Борисов дека заземал страна, овој тврди дека го почитува македонскиот претседател

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, зазеде страна и не ја сфаќа главната цел на неговото претседавање со Унијата, рече во четвртокот македонскиот претседател Ѓорге Иванов по средбата со неговиот бугарски колега по должност, Румен Радев.

„Тоа е негова одлука и негова е одговорноста. Борисов не е само премиер на Бугарија, туку и на земја што претседава со ЕУ. Европската Унија секаде промовира дијалог, конструктивност, отвореност и соработка, така што со тој негов гест само зазема страна и не го остварува тоа што е и цел на членување и претседавање со ЕУ“, изјави македонскиот претседател Иванов на заедничката прес-конференција со Радев во Софија.

Радев, пак, изјави дека Бугарија треба да разговара не само со Владата, туку и со претседателот, Собранието и опозицијата во Македонија.

Претходно, Борисов и бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, ги откажаа средбите со македонскиот претседател посочувајќи дека не сакаат да се мешаат во внатрешните работи на нивната соседна држава, а во одредени медиуми во Македонија блиски на владејачката структура беше опишано како револт поради тоа што Иванов претходно во средата имаше многу куса средба со премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров кои првпат му го претставија текстот од договорот што го потпишаа со Грција.

„Претседателот Ѓорге Иванов совршено знае дека за Македонија најмногу сакаме влез во ЕУ и НАТО, просперитет и поврзување“, изјавил бугарскиот премиер Бојко Борисов пред новинарите по неговото одбивање да се сретне со Иванов, кој се наоѓа во дводневна посета на Софија, пренесе новинската агенција Фокус.

„Кога беше насилството во македонското Собрание, јас бев првиот кој им се јави на претседателот Иванов, на Зоран Заев и Никола Груевски. Направив сѐ што можам да помогнам мирно да се реши проблемот“, рекол Борисов.

Додал дека кон Иванов секогаш се однесувал со огромна почит, но не сака да навлегува и да се меша во работата на институциите на Македонија, во спорот за името со Грција. Борисов додал дека овој спор со децении ја блокира Македонија.