Иванов: Македонија е школски пример за тоа како не треба да се однесува ЕУ кон земја – кандидат

Македонија е школски пример за тоа како не треба да се однесува ЕУ кон земја – кандидат. Ние имавме полн капацитет, со исполнети услови, се што беше побарано од нас е исполнето и тоа го потврдија Европскиот парламент и Европската комисија. Но Европскиот Совет е тој што е виновен и сноси дел од одговорноста за состојбата во Македонија.

Ова меѓу другото го истакна претседателот Иванов во интервјуто за емисијата „Акцент“ на МТВ, на прашањето дали Брисел има дел од одговорноста за политичката криза во Македонија.

Тој изрази убеденост дека ако политичкиот договор се реализира според планот и ако изборите бидат успешни, а сепак земјата не добие датум за почеток на преговори со ЕУ или нешто што ќе ја помести оваа статус кво состојба, во Македонија повторно ќе има криза, можеби и уште пожестока од оваа.

Прво треба да видиме која е нашата вина, која е нашата одговорност за оваа состојба, а подоцна да укажеме и на Брисел дека ние сме школски пример за тоа како не треба да се однесува ЕУ кон земја – кандидат. Ние имавме полн капацитет, со исполнети услови, се што беше побарано од нас е исполнето и тоа го потврдија Европскиот парламент и Европската комисија. Но Европскиот Совет е тој што е виновен и сноси дел од одговорноста за состојбата во Македонија“, изјави Иванов, пренесува МИА.

Се додека сме кандидати за ЕУ и НАТО, тие ќе ни помагаат

Се додека сме кандидати за ЕУ и НАТО, тие ќе ни помагаат, изјави Иванов запрашан до кога Вашингтон и Брисел ќе мора да ја менаџираат внатре-политичката состојба во Македонија.

Искуството од претходните кризи покажува дека ние можеме и сами да се справуваме. Но, одредени политички актери во Македонија не сакаат тоа да се води во државата, од институциите во државата. Моја иницијатива беше решавањето на првата криза, таа пред две години и решавањето на оваа криза беше на моја иницијатива. Но таков е табиетот на нашите политичари кои повеќе веруваат на другите отколку на сопствените институции, вели Иванов.

Во однос на прашањето дали очекува решавање на политичката криза, Иванов истакна дека е обврска на потписниците на договорот, како тој ќе се реализира и дека сите прашања мора да се решаваат со дијалог внатре во институциите.

Отсуството на опозицијата од Парламентот е и причина за некои работи кои се случуваа во минатото. Така што сега со враќањето на опозицијата, се надеваме дека сите тие механизми кои постојат и се дадени на располагање, контролни механизми, увид во работата на службите, постојана контрола на власта, ќе има резултати и дека тоа ќе биде искуство за во иднина, како треба секој политички актер да се однесува во услови на демократија, порача македонскиот претседател.

Извештајот за напредок од страна на ЕК зависи од исполнувањето на полититчкиот договор

Во однос на неговите очекувања за претстојниот извештај за напредок од страна на ЕК, претседателот Иванов вели дека истиот зависи од тоа како ќе го исполниме политичкиот договор. – Не зависи тоа од Брисел. Како ќе ги реализираме точките од договорот и како ќе ги реализираме обврските, така си го пишуваме и извештајот, истакна Иванов.

За неговите очекувања од Специјалниот јавен обвинител,  Иванов истакна дека очекува Специјалниот јавен обвинител да ја оправда добиената поддршка и  да го понуди она што е пропишано со закон, односно дека секој што сторил злодело треба да одговара.

Дебатата за изборниот законик и гласањето на дијаспората, претседателот Иванов ја оцени како задоцнета.

Веќе изборите се закажани, роковите течат, а тоа требало претходно да биде договорено и да се изнајдат начини за да се корегираат пропустите или нефункционирањето на досегашниот изборен модел, рече Иванов.

Осврнувајќи се на прашањето за името и дали може да се очекува каков било напредок во разговорите, претседателот Иванов истакна дека новата владејачка гарнитура во Грција дава надеж дека можеме да се поместиме од состојбата која беше наследена од претходната Влада на Грција, но дека е потребно трпение и зголемување на свеста за државен интерес внатре во државата. Воедно, Иванов додаде дека и покрај неконструктивноста од грчка страна, ќе продолжат неговите лични иницијативи за средби со неговиот грчки колега.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.