Иванов: МАНУ даде голем придонес во изградбата на современата македонска држава

Како врвна самостојна научна и уметничка установа, МАНУ даде голем придонес во изградбата на современата македонска држава. Континуирано ја поттикнува и ја развива научната мисла и работи на негувањето и на унапредувањето на уметностите, рече Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во своето обраќање на Свечената академија по повод одбележувањето на 50-годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите.

„Многу често, академиите се плод на независноста. Но, во нашиот случај, Академијата не само што ѝ претходеше, туку и создаде услови за независноста на Република Македонија. Академијата поттикнува и врши проучувања на прашања од битно значење за македонската национална култура и за општиот развој на нашата држава“, истакна македонскиот претседател.

Во нашето општество во кое политичарите честопати размислуваат само до следните избори, на академиците е да промислуваат за наредните генерации. Затоа, нагласи претседателот Иванов, неопходно е функционално партнерство меѓу државата и науката, меѓу носителите на одлуки и експертите, со цел носење мудри одлуки и креирање политики втемелени врз научна основа. Или, како што тоа МАНУ го дефинира: „зголемување на влијанието на мудрите и мудроста на влијателните“.

Одговорност на МАНУ е да настојува преку научната мисла да придонесува за унапредување на севкупниот развој на Република Македонија и за процут на целото македонско општество. Но, истовремено, подвлече претседателот Иванов, одговорност на државата е да ја консултира Македонската академија на науките и уметностите за суштинските прашања поврзани со социоекономскиот, политичкиот и културниот развој. Бидејќи, како што нагласи македонскиот претседател, тоа е целата смисла на постоењето на оваа и на секоја друга академија: да биде совет на мудреци, жива енциклопедија што непристрасно ќе ги разјаснува најважните прашања за општеството и за државата. И тоа веќе го прави.

„Додека го празнуваме овој ден, македонската држава и македонските граѓани се исправени пред големи предизвици за кои мора да бараме решенија. Но тие решенија не смеат да отстапуваат од принципите на нашето постоење и опстојување“, истакна претседателот Иванов, оценувајќи дека во овој период на предизвици, очите на македонското општество се свртени кон МАНУ и дека очекувањата, Академијата да биде глас на разумот и на мудроста, се поголеми отколку кога било порано.

Свечената академија, по повод одбележувањето на 50-годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите, се одржа под покровителство на Претседателот на Република Македонија.