Иванов на состанок на лидерите на „Брдо- Бриони“

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска  ќе учествува на состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони процесот“, што се одржува во Сараево.

Во фокусот на излагањето на претседателот Иванов, јави известувачот на МИА, ќе бидат европските и евроатланските интеграции на Република Македонија, како и актуелните предизвици со кои се соочува регионот, особено од аспект на бегалската и мигрантската криза.

На состанокот, на кој специјален гостин е претседателот на Италијанската Република Серџо Матарела,  ќе учествуваат и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, Младен Иваниќ и Драган Човиќ, претседателите на Хрватска Колинда Грабар- Китаровиќ,  на Словенија Борут Пахор, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Албанија Бујар Нишании и на Косово Хашим Тачи.

Претседателите ќе разговараат за актуелните состојби во регионот, евроинтеграциите и проширувањето на Европската унија, како и за унапредување на регионалната соработка.

„Брдо-Бриони процесот“ е инициран од Словенија и Хрватска во 2013 година, со цел регионална соработка и решавање на отворени прашања. Сараево е четвртиот домаќин на лидерите на овој Процес. Првиот редовен состанок се одржа на Брдо, кај Крањ, на кој како специјален гостин присуствуваше францускиот претседател Франсоа Холанд. Вториот состанок се одржа во Дубровник, каде што присуствуваше и германската премиерка Ангела Меркел, додека третиот беше во Будва, со присуство на австрискиот претседател Хајнц Фишер. Имаше и еден вонреден состанок на кој домаќин беше претседателката на Хрватска Грабар-Китаровиќ, а специјален гостин американскиот потпретседател Џо Бајден.

Следната година Македонија ќе биде домаќин на „Брдо-Бриони процесот“.