Иванов на средба со Бан Ки Мун

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов од 21 до 28 септември 2014 година ќе престојува во Соединетите Американски Држави, по повод учеството на 69-то Генерално собрание на Обединетите нации, каде ќе има обраќање на генералната дебата на 26 септември 2014 година.

Во рамки на учеството на Генералното собрание, македонскиот претседател ќе оствари средба со генералниот секретар на Обединетите нации, г. Бан Ки-мун, а ќе учествува и на приемот што за шефовите на делегации ќе го приреди Претседателот на САД, г. Барак Обама, на приемот организиран од Постојаната мисија и Генералниот конзулат на Јапонија во Њујорк и на приемот организиран од страна на Н.В. Кралот Фелипе VI и Кралицата Летиција од Шпанија.

На маргините на одржувањето на Генералното собрание на ОН предвидени се билатерални средби на претседателот Иванов со шефови на држави и влади.

За време на престојот во Њујорк предвидено е претседателот Иванов да присуствува на Климатскиот самит 2014, како и на приемот на Клинтон Глобалната иницијатива.

По пристигнувањето во САД, претседателот на Република Македонија ќе се сретне со претставниците на македонската дијаспора во Њу Џерси. За време на престојот во САД предвидена е и средба со претставници на македонската заедница во Њујорк, како и со претставници на Националниот Американско Албански комитет.