Иванов на средбата со Хојт Ли предупреди на преседаните кои ги поткопуваат демократските процеси, а платформата не може да биде услов за составување влада

94

Преседаните со кои се воведува практика а нелегалното станува легално, ги поткопува основните демократски принципи, рече во понеделникот македонскиот претседател Ѓорге Иванов, алудирајќи на изборот на Талат Џафери без процедури за собраниски спикер што предизвика револт на насилства изминатиот четврток во Собранието, известуваат од Кабинетот на шефот на државата.

Ова Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов го истакнал во понеделникот на средбата на заменик-помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји, кого го прими во претседателската резиденција на Водно, а на којашто присуствувал и американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли.

На средбата се разговарало за новонастанатата политичка состојба и за можностите за нејзино надминување во согласност со Уставот и со законите на Република Македонија.

Македонскиот претседател Иванов повторил дека го осудува секое политичко и физичко насилство во Република Македонија, и истакнал дека „единствено преку дијалог мора да се бараат решенија“.

Претседателот Иванов подвлекол дека доколку постои вистинско лидерство од претседателите на парламентарните партии, правната и политичката пречка за определување на мандат за состав на Влада се надминливи.

Македонскиот претседател, исто така, побарал од САД, како стратешки партнери на Република Македонија, да помогнат за пречките да се отстранат и да се овозможи парламентарното мнозинство да го добие мандатот.

„Преседаните со кои се воведува практика, а нелегалното станува легално ги поткопува основните демократски принципи“, рекол претседателот Иванов.

Претседателот, исто така, побарал лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека „заедно со коалиционите партнери ќе дојдат и ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија“.

„Платформата од Тирана не може да биде услов ниту, пак, основа за формирање Влада во Република Македонија“, констатирал македонскиот претседател, повторувајќи го својот повеќепати искажан став во врска со барањето на челникот СДСМ, Зоран Заев да го добие мандатот поради обезбедените доволен број пратенички мандати за составување влада.

Меѓутоа, како и што повеќепати повторија челниците на албанските партии кои би ја поддржале владата на Заев, нивниот услов за давањето потписи бил прифаќањето на ткн Тиранска платформа, за којашто Иванов и голем дел од граѓаните сметаат дека е создадена во друга држава и оти го загрозува унитарниот карактер и интегритетот на Република Македонија.

Претседателот Иванов, исто така, апелера граѓаните да останат воздржани и трпеливи, затоа што постојат решенија кои треба да се донесат со разум и преку дијалог.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.