Иванов: Празникот Курбан бајрам ги истакнува човечките доблести и солидарноста

Еден од најголемите муслимански празници Курбан бајрам ги потенцира човечките доблести, солидарноста и грижливоста, се истакнува во честитката што Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод верскиот празник му ја упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема хаџи Сулејман Ефенди Реџепи и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија.

„Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска верoисповед во Република Македонија да Ви упатам најсрдечни честитки по повод големиот исламски празник Курбан бајрам. Најискрено посакувам празникот да го поминете во добро здравје, радост, среќа и хармонија, споделувајќи љубов со ближните“, се наведува во честитката на претстаделот Иванов.

Претседатлот натаму истакнува дека како еден од најголемите празници во исламот, Курбан бајрам ги потенцира човечките доблести – солидарноста и грижливоста, помагањето и дарувањето.

 

„Нека и годинешново празнување помине во духот на споделување и давање на сите оние кои имаат потреба од материјална поддршка, но и потреба од љубов и внимание“, порачува претседателот Иванов.

На крајот Иванов го изразува своето уверување Исламската верска заедница и сите нејзини верници како нераскинлив дел од македонското општество и понатаму активно ќе придонесуваат за градење почит и разбирање помеѓу различните вери и етникуми во Република Македонија.