Иванов: Работиме и ја градиме Македонија како дом за сите граѓани

Можам да кажам дека насекаде во Македонија граѓаните имаат исти потреби. Од Куманово до Гевгелија, од Струга до Берово, и во Скопје и во Гостивар, граѓаните сакаат подобар живот. Граѓаните сакаат иднина за своите деца. Пред се сакаат вработување за младите. За овие пет години во Македонија покажавме како се работи како тим. Како се гради државно единство, и како сите институции соработуваат меѓу себе. И затоа, сите резултати се видливи. Јас како Претседател и Премиерот Груевски и министрите, секогаш бевме посветени на една цел, да го подобриме животот во Македонија. Затоа се направени реформи во секоја област. Секаде се менува животот во Македонија. Има уште многу работа, многу треба да се работи. Но затоа имаме чист образ, повторно да дојдеме и да ја побараме вашата доверба, за да работиме како тим за Македонија.

Ова го истакна актуелниот и кандидат за претседател од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов на вечерашниот митинг во Гостивар.

Иванов посочи дека секаде има резултати и со тоа треба да се продолжи.

„Се што е инвестирано во младите, во нивното образование, во факултетите, може да се види. Се што е инвестирано во спортот, гледаме какви успеси постигнуваат спортистите. Се што е вложено во културата, гледаме како гордо не претставуваат нашите уметници, артисти, пејачи. Затоа ќе продолжиме со исто темпо и со ист интензитет. На сите во Македонија да им помогнеме, за земјоделците да имаат уште повеќе субвенции и за пензионерите да имаат редовни и повисоки пензии. За студентите да има стипендии, за учениците да има бесплатни учебници. На секого во Македонија да му се помогне,“ истакна Иванов.

Тој додаде дека кога станува збор за Македонија, сите сме си наши, независно од етничката или религиската припадност.

„Работиме и ја градиме Македонија како дом на сите нејзини граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци.Гостивар е пример за меѓуетничкиот и меѓурелигискиот соживот во Македонија. Ви честитам за тоа. Како претседател го бранев и ќе го бранам државното единство на Република Македонија. Претседател сум на сите граѓани, независно од етничката, верската или која било припадност. Тоа го правев и ќе продолжам да го правам.Бев и кај христијаните и кај муслиманите. Ја посетив и црквата „Света Богородица“, но и Саат-џамијата во Гостивар.Бев со моите сограѓани на Рамазан и тука во Гостивар дојдов на ифтар. Бев присутен кај сите. Затоа што има многу религии, но има една вера – вера во Бога,“ истакна актуелниот и кандидатот за претседател на Република Македонија.

Иванов нагласи дека работат сложени и посветено бидејќи само слогата куќата ја гради и токму затоа успехот мотивира и инспирира, потенцирајќи дека тоа знаат како да го постигнат и ткму затоа ја добиваат довербата од граѓаните.

Во таа насока Иванов ја побара довербата од граѓаните за втор мандат и нови успеси за Македонија.