ВИДЕО: Иванов: Се раководам од интересите на Македонија и нејзините граѓани

Претседателот на Република Македонија и кандидат за истата функција, Ѓорѓе Иванов, денеска ја промовираше својата програма, но пред граѓаните говореше за неговата работа изминативе пет години.

Тој истакна дека е благодарен на граѓаните за довербата и поддршката која му ја даваа, за поддршката која дојде од колегите, поддржувачите од разни профили и од раководството на партијата.

„Посветено работев, имав преку 200 билатерални средби со шефови и државници, 150 средби со премиери, претседатели и шефови на дипломатија, 100 средби со високи претставници и верски лидери, 100 официјални работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Бев домаќин на над 40 официјални работни посети на шефови на држави во Република Македонија. Ги промовирав постигнувањата на Македонија, стекнував нови и го продлабочував традиционалното пријателство. Во кабинет примив над 5.000 граѓани и ги слушав и разговарав со нив. За нивните проблеми дознавав лично од нив. Се трудев да помогнам во рамки на надлежностите. Соработував со премиерот на Владата, со министри, но учествував и во економска промоција на Република Македонија. За многу мои проекти имав поддршка од стопанствениците, градоначалниците, професори, научници, спортисти, новинари, волонтери,“ истакна Иванов.

Во својот мандат, Иванов оствари бројни средби со граѓани од дијаспората и постојано се залагаше за одговорна надворешна политика и како што посочи, градел безбедна и сигурна Македонија која чекори кон економски силна и развиена држава, каде правото е еднакво за сите и се унапредува единството во различностите.

„Програмата која денес ја најавувам и со која повторно ќе барам доверба за да го продолжам она што го започнав во првиот мандат, најавувам програма на континуитет и доследност во ставовите на државните интереси, со нова енергија и перспективи за Македонија. Се раководам од интересите на Македонија и интересите на граѓаните, еднакво како и во програмата во 2009, Македонија да биде држава отворена кон сите, како татковина која лојално и посветено ја градиме како дом за сите нас. Владата гради патишта кои ги поврзуваат селата и градовите, но и со земјите во регионот. Се трудам физичкото поврзување на Македонија со регионот да го надградам со поврзување со луѓе и држави преку економска и политичка поврзаност. Тоа се коридори на државите кои градат заедничка иднина. Во светот ја претставувам вистината за Македонија и создавам нови пријателства,“ додаде претседателот.

Како резултат на тоа, посочи Иванов, Македонија денеска е поатрактивна за странски инвеститори, почитувана по својата традиција.