Иванов: Се врши насилство врз нашата историска меморија

Република Македонија се соочува со можеби најголемиот предизвик од нејзиното формирање, а тоа е да се одрече од историското право и правото на самоопределување, рече претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на денешното предавање на Универзитетот во Вроцлав, во рамки на работната посета на Република Полска.

„Грција со Спогодбата од Преспа ни наметнува ново име и бара истото да се применува erga omnes – и за меѓународна и за домашна употреба. Предвидено е да го промениме Уставот. Преку оваа спогодба, Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себе си, но и како другите држави ќе ни се обраќаат нам“, рече претседателот Иванов.

„Со Спогодбата ќе се преименуваат нашите институции, ќе се цензурира содржината на учебниците на нашите деца, ќе се спречува правото на граѓаните да го изразуваат својот македонски идентитет. Се регулира именувањето на нашиот македонски јазик. Еден многу важен дел од нашиот начин на живот ќе зависи од волјата на Грција. Тоа е цензура на светот и автоцензура на колективната свест на македонскиот народ. Тоа е насилство врз нашата историска меморија. Она што грчката држава им правела на Македонците во Грција, сега, со Преспанската спогодба сака да им го направи и на Македонците во Република Македонија“, рече претседателот Иванов во предавањето на Универзитетот во Вроцлав.

Во предавањето претседателот Иванов се осврна на делото на Блаже Конески, кој како лингвист и книжевник се посветил на развојот на македонскиот литературен јазик, и кому во 1973 година му беше доделен почесен докторат на Универзитетот во Вроцлав.

„Со сè што правеше, Конески и неговата генерација за многу кратко време го издигнаа македонскиот јазик во современ европски јазик со светла иднина. Но, таквиот успех ги разбудил старите балкански сеништа на негирањето. Македонскиот јазик и денес сè уште се соочува со бројни оспорувачи кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат еден вид  симболична опресија врз македонскиот идентитет’, рече претседателот Иванов.

Најголемиот показател за вредностите на една нација, според претседателот Иванов, е консензусот околу она што не е за продажба, она за што не може да се пазари и преговара.

„Денес, за жал, некои од големите придобивки за кои се изборил се доведуваат во прашање. Дојдоа генерации кои како да го заборавија заветот на Конески и почнаа да се пазарат со оние кои претендираат да го држат клучот на нашето минато“, рече претседателот Иванов.

„Нашата сила е во нашата различност, а нашата различност е гарантирана со нашето единство. Израз на тоа единство е македонскиот јазик“, рече претседателот Иванов.