Иванов: Со платформата добивме институционална криза

Претседателот Ѓорге Иванов денеска изјави дека мандатот за формирање Влада нема да биде врачен се додека правните и политички пречки не бидат отстранети.

– Се додека тие пречки не бидат отстранети јас не можам да донесам одлука која што ќе биде оспорена. Ако биде оспорена една таква одлука, тогаш ќе биде отворено прашањето за моја одговорност. Затоа барам и инсистирам правната и политичката пречка да бидат отстранети, рече Иванов по денешната средба со претседавачот на Претседателството на БиХ Младен Иваниќ.

Одговарајќи на новинарско прашање дали чувствува одговорност во врска со последиците од кризата, Иванов рече дека тој го почитува Уставот и праксата од 1992 година и дека не чувствува одговорност за кризата. Институционалната криза, додаде Иванов, ќе ја немавме доколку ја немаше платформата која од политичка криза не воведе во институционална криза.

– Јас го почитувам Уставот и праксата создадена во 1992 година. Тоа им го кажав и на сите претставници на партиите кога беа на консултации. Треба да се почитува тоа што е во Уставот и роковите предвидени во Уставот и преседанот направен во 1992 година. Надвор од тоа, која било донесена одлука доведува до прашање за моја одговорност. Јас сум под заклетва и ќе го почитувам она што е уставен поредок на Република Македонија, потенцираше претседателот Иванов.

Македонскиот претседател посочи дека токму поради платформата која што се појави после парламентарните избори Македонија не може да се избере претседател на Парламентот, ниту пак да почне процесот за создавање на влада.

– Едно е политичката криза која што ја решивме со изборите на 11 декември, а со платформата добивме институционална криза. Јас тука не чувствувам одговорност бидејќи го почитувам Уставот и тоа што се бара од мене, а ги имам предвид и одлуките на Уставниот суд и затоа не смеам да донесам одлука која што ќе биде оспорена од кого било, потенцираше Иванов.

На средбата со претседавачот на Претседателството на БиХ Иваниќ кој е во дводневна посета на Република Македонија било разговарано за односите меѓу двете земји и притоа, како што истакна Иванов, Македонија континуирано дава поддршка на територијалниот интегритет на БиХ, како и на евроинтеграцискиот процес на оваа земја. Македонскиот претседател и Иваниќ зборувале за актуелните состојби во двете земји, состојбата во целиот регион и евроинтеграцискиот процес, за економската соработка во контекст на која утре ќе биде организиран бизнис форум во Скопје. Исто така станало збор и за отворање авиолинија Скопје – Сараево, како и за спогодба за патување на државјаните од двете земји со лични карти.

Иванов истакна дека состојбата во целиот регион би била поинаква доколку ЕУ се согласи да бидат отворени поглавјата 23 и 24 коишто се однесуваат на безбедноста, на правните прашања итн.

Коментирајќи го односот на Брисел кон земјите од регионот, Иванов рече дека Македонија е школски пример како ЕУ не треба да се однесува со некоја земја потенцирајќи дека довербата кај граѓаните во ЕУ опаѓа кога тие гледаат отсуство на европеизација.

– Ние се’ уште немаме датум за отпочнување на преговори и затоа ја отвораме иницијативата да бидат креативни во ЕУ и да бидат отворени поглавјата 23 и 24, додаде Иванов.

Претседавачот на босанското Претстедателство истакна дека е уверен дека македонскиот претседател Иванов ќе ги донесе најдобрите одлуки за стабилноста и просперитетот на Република Македонија.

За ЕУ рече дека во однос на БиХ било забележано многу формалност и оти таа не била многу доследна, но дека неговото чувство е оти во изминатата година и пол односот станал појасен и поискрен и оти за тоа од помош била мигрантската криза.