Иванов со почести го пречека Пендаровски во Вила Водно

По два 5- годишни мандата на функцијата претседател на државата, Ѓорге Иванов попладнево ја напушти претседателската вила „Водно“. Тој беше испратен од новиот шеф на државата Стево Пендаровски, кој беше инаугуриран на седница на Собранието.

Во вила „Водно“, Иванов го пречека Пендаровски со почести, имаа 45-минутната средба, а двајцата заедно се сретнаа и со вработените во претседателскиот кабинет, по што Иванов ја напушти Вила „Водно”.

Пендаровски дојде во претседателската вила од Собранието, каде што се одржа неговата свечена инаугурација. Во своето обраќање по повод инаугурацијата во Собранието тој порача дека ќе биде претседател на сите граѓани, и на тие што гласале за него и на сите останати.

– Политичките разлики меѓу луѓето и партиите ќе продолжат да постојат затоа што се природни и нужни, но енергијата и потенцијалот на општеството мораат да бидат обеденити околу неколку стратешки важни работи за кои ќе инсистирам и ќе предложам модели кои ќе бидат засновани на поширок државен консензус.Тука мислам пред се на нашите евроатлантски интеграции за кои на реторичко ниво постои целосна согласност меѓу релевантните политички субјекти, меѓутоа модалетите за нивна реализација во кои веруваме се различни, подвлече Пендаровски.

Тој најави дека ќе се бори против поделеноста во општеството, дека ќе ги штити правата на политичкото малцинство, дека максимално ќе се заложи за довршување на полноправното членство на земјава во ЕУ и НАТО, како и дека посебно внимание ќе посвети на меѓуетничките односи.

-Чувствувам дека моја прва обврска како претседател кој беше предложен од политичкото мнозинство е да го штитам статусот и правата на политичкото малцинство, затоа што демократијата постои само кога различните млацинства во општеството се заштитени од евентуалното самоволие на мнозинството, а за тоа само законите најчесто не се доволни. Како претседател ќе се ангажирам во дипломатските напори за довршување на процесот за наше полноправно членство во НАТО и за време на целиот тек на преговори за членство во ЕУ во кои ќе инсистирам да бидат вклучени најдобрите умови кои оваа земја ги има независно дали доаѓаат од редовите на опозицијата, од невладините организации или од редот на независните експерти. Потоа, тука мислам и на меѓуетничките односи и на балансот меѓу сите етнички заедници што секогаш претставувало столб на нашата внатрешна стабилност и безбедност, дополни шефот на државата.

Веднаш по преземањето на кабинетот, Пендаровски има билатерални средби со претседателите на соседните држави кои присуствуваа на неговата инаугурација во Собранието: Илир Мета од Албанија, Румен Радев од Бугарија, Хашим Тачи од Косово и Александар Вучиќ од Србија.