Иванов во Истанбул: Кризата во Европа е и можност за нови решенија

На Евроазискиот економски форум кој традиционално се одржува секоја година во Истанбул учествуваат актуелни и поранешни државници, претседатели, премиери, министри, истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедниците од 40-тина држави.

Последните неколку самити беа посветени на темите како мигрантската криза и тероризмот. Годинава Евроазискиот економски форум се одржува на тема „Човештвото на крстосница“, а меѓу темите на дискусија ќе бидат и предизвиците со кои се соочува Европската Унија.

Во овој контекст, на свеченото отворање на форумот, претседателот Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, порача дека Европа останува да биде суперсила на животниот стил. – И, иако оваа суперсила сега е во криза, не смее да се заборави дека кризата е и можност за нови решенија, истакна Иванов во обраќањето.

Во поздравниот говор Иванов го потенцираше значењето на овој форум. – Со своите теми, дебати и идеи, форумот влијае на политиките на државите бидејќи ги отвора перспективите и ги трасира патиштата за соработка меѓу државите и економиите од Европа и од Азија, порача македонскиот претседател.

Претседателот Иванов утре ќе се обрати на претседателската сесија на форумот.

Организатор на Евроазискиот економски форум е Мармара фондацијата, група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.