Ивановска: Спорот меѓу обвинителството и финансиската полиција ги покажува системските слабости на двете институции

Преку спорот меѓу Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и Управата за финансиска полиција доаѓаат до израз системските слабости во функционирањето на двете институции, смета претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска.

Ивановска, во гостувањето на ТВ Сител, вели дека треба да изградиме јаки институции кои ќе ги вадат на површина сите неправилности.

– Од она што јас имам сознание и за едната и за другата институција, сите предмети што доаѓаат и во двете институции, не се распределуваат системски, електронски преку софтвер, туку ги распоредуваат нивните одговорни лица, првите луѓе на институциите. Со тоа се отвора можност за субјективно делување на одговорните лица, меѓутоа и се создава висок ризик за уцени и корупција. Тоа треба да се елиминира, изјави Ивановска.

Доколку постоел системски пристап за распределба на предметите, според неа, немало да дојде до таков претрес и до проблеми.

Таа посочи, дека и до ДКСК пристигнуваат анонимни пријави, меѓутоа сите тие, како што нагласи, влегуваат во софтверот и понатаму се распоредуваат од една страна кај член на комисијата, од друга страна кај советник, кој што ќе работи со членот.

– Значи нема ништо намерно. Сѐ е по случаен избор како што си е направено во софтверот, нагласува Ивановска.

Претставка за овој случај до ДКСК, Ивановска вели дека нема пристигнато, како и дека нема потреба тие сега да се инволвираат.