Ивановска за синот на Џафери: Положил правосуден без завршен факултет, немаме механизми да го казниме, случајот се третира како застарен

Во вечерашната емисија „Топ Тема“ на Телма ТВ, Билјана Ивановска од ДКСК истакна дека синот на Талат Џафери кој сега е на листата за обвинители положил правосуден испит без завршен факултет, но дека нема механизми, како ваквите случаи да се казнат.

„ Точно е дека ја запревме постапката за конкретниот случај отворен за Барлет Џафери. Ние утврдивме тоа што утврдивме, обелоденивме во јавноста дека неговиот правосуден испит му е дозволено да го полага пред да ги има добиено тие 300 кредити односно пред да има магистрирано, значи тука е проблемот. Да, имало злоупотреби во случајот меѓутоа сето тоа се случува пред 8 години и случајот се третира како веќе застарен и нема против кого да поднесеме било што“, нагласи Ивановска.

Ивановска додаде и дека документите поднесени во Министерството за правда не се чуваат повеќе од една година и не постојат алатки како да се казнат ваквите случаи.

„Документите поднесени до Министерство за правда не се изгубени, туку не се чуваат повеќе од една година. Иако сметам дека и тоа е погрешно.Проблемот го лоциравме ние кај Универзитетот, како давал степен на образование седум кроз еден за 180 кредити и кој му дозволил понатаму да полага правосуден испит без да ги има 300 кредити.Нема алатки како да ставиме некоја казна, но иако е запрена постапката тоа ни отвора врата да видиме понатаму дали е Барлет изолиран случај или не. Тој Универзитет во период од 4 години има 400 такви уверенија издадено, понатамошна анализа ќе оди да видиме дали има и други такви факултети и да се извршат вонредни инспекциски надзор“, истакна Ивановска.