Ивановски и Самак ќе ја посетат Силиконската Долина

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, и министерот без ресор во Владата, Веле Самак, во рамките на неколкудневната посета на САД за промоција на македонските бизнис можности, денеска ќе го посетат кампусот на Google во Силиконската Долина, проследено со посета на еден од најголемите инкубатори за „старт ап„ компании во овој регион.

Двајцата министри ќе ја посетат компанијата за електрични автомобили Tesla Motors, а исто така ќе остварат средба и со еден од основачите на компанијата Mindtree.

Министерот Ивановски при неговиот престој во Бангалор, Индија, во јануари оваа година ги посети главните канцеларии на Mindtree и оствари средба со извршниот директор на оваа мултинационална компанија, која што има 12.000 вработени од ИТ областа. Средбата во Силиконската Долина е резултат на интересот што Mindtree го изрази за бизнис поволностите што ги нуди Република Македонија.