Ивановски ja претстави владината ИТ мрежа

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денеска ја претстави владината оптичка ИТ мрежа, која овозможува постигнување поголеми брзини на пренос на податоци, поголема безбедност на пренесените податоци и поголем број на електронски услуги кон граѓаните.

„Реализацијата на државна оптичка комуникациска мрежа во иднина ќе повлече намалување на финансиските трошоци за изнајмување на скапи интернет линкови. Нејзината имплементација ќе овозможи експанзија на повеќе витални проекти со кој се зголемува ажурноста, квалитетот и квантитетот на услугите кој ги користат државните институциите во секојдневната работа“, рече министерот Ивановски.

Проектот чини осум милиони денари вкупно со пасивниот дел и активната опрема, а изведен е во соработка со Министерството за внатрешни работи и Македонски телеком.

„Успешната реализација на овој проект треба да доведе до намалување на финансиските трошоци кои се издвојуваат за поврзување кон интернет и фиксна телефонија кај сите органи на државната управа. Притоа ќе се овозможи простор за реализирање на нови ИТ проекти, како на пример воведување на Интернет телефонија (Voice over Internet Protocol), централизиран систем за управување со документи (Document Management System) во сите институции, интероперабилност помеѓу сите институции кои земаат учество во издавање на соодветни документи или на било каков начин нудат услуги кон граѓаните или пак компаниите“, додаде Ивановски.

Инаку, со овој систем се поврзуваат  вкупно 24 институции во државата : Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, Секретаријатот за рамковен договор, Секретаријатот за европски прашања, сите министерства при Владата на Република Македонија, Заедничкиот информатички центар, Собранието на Република Македонија, Царинската Управа, Управата за јавни приходи, Управата за водење на матична евиденција, Марнет – систем сала МАТРИКС и Канцеларијата на Претседателот на Република Македонија.