Ивановски оствари средба со заменик генералниот секретар на ИТУ, Хоулин Жао

На покана на министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денес во официјална посета на Република Македонија престојуваше заменик генералниот секретар на Меѓународната телекомуникациска унија (ITU), Хоулин Жао.

Во текот на разговорот министерот Ивановски го запозна високиот гостин со тековните активности на министерството, проектите кои досега се преземени од страна на македонската влада, како и со плановите кои се предвидени за наредниот период во информатичко-комуникациската област. Двајцата соговорници разменија мислења и за интернет владеењето на глобално ниво.

Ивановски побара поддршка од Жао за позитивен исход по апликацијата на Република Македонија за вклучување во Советот на Интернационалната телекомуникациска унија, што ќе претставува голем чекор напред во креирањето на улогата на нашата земја на меѓународен план во ИКТ областа.

Инаку, Хоулин Жао во септември годинава се очекува да стане прв човек на Интернационалната телекомуникациска унија, со што неговото лобирање ќе биде од голема полза за Република Македонија.

Министерот Ивановски имаше средба со него и на Конференцијата ITU Telecom World 2013, која во ноември минатата година се одржа во Бангкок, Тајланд.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.