Ивановски : Зајакната координација преку Системот за шумски пожари

Во рамките на презентацијата на „Македонскиот информативен систем за шумски пожари“, која се одржа во организација на Центарот за управување со кризи и со поддршка на Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA), се обрати и министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски. Според него, реализацијата на овој проект, претставува само една од повеќето активности кои во континуитет се преземаат од страна на македонската Влада, со цел зајакнување на капацитетите на националните институции за превенција и справување со шумските пожари.

„Системот се темели на современата информатичка технологија, односно интегрирана и веб базирана ГИС платформа, кој поврзува повеќе институции кои имаат споделена улога во заштитата од шумските пожари. Интегрирани се податоците од УХМР, кои се обезбедуваат од сателитската и приземната мерна мрежа за временските состојби, извршена е целосна инвенторизација на шумите во државна сопственост и воспоставена е ГИС база со потребните податоци за шумите, воспоставена е база со податоци за ресурсите и капацитетите на надлежните институции, како и многу други податоци кои се од интерес за ефикасно менаџирање на ризикот од шумски пожари,“ рече во своето обраќање министерот Ивановски.

“Македонскиот информативен систем за шумски пожари” претставува современ Географски информациски систем, кој ќе ја зајакне меѓуинституционалната комуникација, координација и брза размена на податоци. Во голема мера тој ќе придонесе за воспоставувањето на Националната инфраструктура на просторни податоци, за која неодамна беше донесен и предметниот закон.

Системот во јули минатата година беше ставен во почетна оперативна употреба, со додавање на нови карти, нови алатки и функции, со што на корисниците им се обезбедува лесен, брз и разбирлив пристап.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.