„Ивермектинот“ доцни, Филипче очекува да стаса во следните две недели

Лекот „ивермектин“ ќе стаса во земјава во следните две недели, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

– „Ивермектинот“ ги помина сите фази во Министерството за здравство и во МАЛМЕД, лекот ќе се издава на рецепт од страна на матичните лекари и во болнички услови – рече Филипче.

Тој објасни дека лекот ќе се дава на три групи граѓани и кај сите ќе има различно дозирање, поради што мора да се консултира лекар за неговата употреба. Станува збор за ризични групи на работници, лица кои имале потврден контакт и луѓе кои се заболени од ковид-19. Различно дозирање има кај сите групи и затоа треба да биде под надзор на лекар, додаде Филипче.

Претходно, директорот на Агенцијата за лекови најави дека лекот „ивермектин“ ќе го има во аптеките после празникот Божик.

Тој оцени дека состојбата со новозаболени и хоспитализирани е стабилна.

– Верувам дека ќе остане вака и дека прекршувањата на мерките не беа чести и не беа многу. Мислам дека сме во стабилна епидемиолошка слика во која добро се менаџира и тестирањето и хоспитализацијата, има сосема доволен број на кревети, лекари и медицински сестри – додаде Филипче.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.