Ивица Коневски гради зграда на атрактивна локација во Аеродром (ФОТО)

Поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски гради зграда на атрактивна локација во општина Аеродром, каде што беше градоначалник, објави Лидер, поткрепено со документи.

Коневски, кој е близок соработник на сега притворениот поранешен директор на УБК Сашо Мијалков, на 20.03.2020 година склучил договор при што се јавува во улога на инвеститор. Станува збор за заедничко градење на објект на ГП 5.11 ДУП локалитет Црква УЕ Б.

Договорот е склучен преку неговото правно лице, „Адвокат Ивица Коневски” кое се јавува како инвеститор.

Имено, според извод од план 161/2016 ДУП, локалитет црква УЕ Б, на улица Фрањо Клуз предвидено е домување во станбени згради, а како инвеститор се јавува токму поранешниот градоначалник на општина Аеродром и адвокат, Ивица Коневски.

Градежното земјиште на кое се градат овие згради претходно било во сопстеност на Република Македонија. На 01.12.2012 година е поднесено барање за приватизација на истото тоа градежно земјиште со бр 3588/1.

    

Симптоматично е што овој ДУП е токму од време на неговиот градоначалнички мандат, што значи Коневски самиот си ги создал условите.

Инаку, партнер во градбата е лице кое за време на градоначалствувањето на Коневски изгради огромен градежен бизнис благодарение на соработката со поранешниот градоначалник на Аеродром, пишува Лидер.

Оваа бизнис операција на Коневски би требало да биде и предмет на интерес на антикорупциската комисија, ако се знае дека само со градоначалничка плата тој успева да стане градежен инвеститор, кој претходно купи и скап деловен простор во својата општина на булеварот Јане Сандански.

Инаку Коневски е еден од иницијаторите за вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ, чии активности згаснаа по притворот кој му беше одреден на Сашо Мијалков.