Изјавата на Мицкоски е неодговорна, да им дадеме шанса на разговорите со Бугарија, рече Заев

Сакаме да им дадеме шанса на разговорите со Бугарија, рече денеска премиерот Зоран Заев, оценувајќи ја како неодговорна изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека шефовите на дипломатиите на двете земји разговарале за нов договор, по примерот на договорот од Преспа.

„Не знам на што мисли Мицкоски, но ние имаме разговори, тие се дел и пишани материјали. Јас не би ги коментирал изјавите на Мицкоски, затоа што сѐ што видовме од него е едно неодговорно однесување. Ние сме одговорни, сакаме договори, сакаме земјата да ни оди напред и верувам дека даваме максимални напори, позитивни аспирации, внимание и пријателство, за да ги постигнеме договорите и, секако, она што е најважно за нас, да ги заштитиме нашите интереси, но водејќи грижа и за интересите на бугарската страна“, изјави Заев.

Тој посочи дека, ако се продолжи со вакви предлози, постои можност и да не почне првата меѓувладина конференција (која се очекува до крајот на годината н.з.). Но, како што нагласи Заев, тоа сигурно не е интерес ниту на бугарскиот народ ниту на премиерот Бојков Борисов, но и на бугарскиот претседател Румен Радев.

„Затоа даваме шанса нашите министри, советниците, сите луѓе кои учествуваат во ова да продолжат за да се изнајде решение, решение може да се најде. Кога зборувате за нешто што е дел од веќе прифатени и усогласени работи, како што е заедничката историја, тогаш треба да бидете паметни да го искористите тоа за пријателство, а не за непријателство и поделби. Затоа сме вака внимателни, треба да се даде шанса, можеме да ја ефектуираме одлуката“, рече Заев.