Избеган осуденик од „Идризово“ фатен во шверц на марихуана

Полицијата уапсила шестмина шверцери на дрога, меѓу кои и избеган затвореник од „Идризово“ и запленила околу 22 килограми марихуана, информираше МВР.

Марихуаната била транспортирана од Албанија во Македонија. Имено, на превојот „Стража“ од страна на полициски службеници запрени се две патнички моторни возила и при извршен претрес во возилото „шкода суперб“ пронајдени и одземени се две вреќи со марихуана. На местото на настанот лишени се од слобода три лица од Скопје, меѓу кои и организаторот на транспортот на дрогата К.Р.(29) од Скопје. Тој претходно бил осуден на казна затвор во траење од 11 години и бил во бегство од КПУ„Идризово“, а се барал по распишана потерница. Лишени од слобода се и Р.И.(23) и С.Е.(22), изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Според полицијата, К.Р. планирал дрогата да ја продава на подрачјето на Скопје, Велес и Тетово. При претреси во домовите на осомнилените во Скопје и кај Р.И. биле пронајдени околу 50 грама кокаин, 16 паковки со кокаин и дигитална вага, како и 46 куршуми калибар 22 милиметри, додека кај С.Е. пронајдени биле околу 700 грама марихуана и таблети екстази и дигитална вага.

Извршени се претреси и во Струга и Охрид, при што лишен од слобода е Ш.Т.(36) кој ја набавил запленетата марихуана од Албанија, а исто така во врска со овој случај од слобода се лишени и Д.О.(62) од Струга и А.И. (42) од Охрид. Запленети се и две патнички возила, околу 3.000 евра и 4.000 денари кои потекнуваат од продажба на дрога, а од страна на МВР се преземаат мерки и активности за идентификување на други инволвирани лица во случајот, соопшти Ангеловски.

По целосно документирање на настанот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за сторено кривично дело недозволено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстаници.