Избори на респиратор

195

Редовните избори се фундаментални за правилното функционирање на модерната репрезентативна демократија. Тоа е единствената шанса кога народот ги оценува перформансите на политиките на власта со нивно санкционирање, или со обновување на нивните мандати.

За жал нашата демократија е во критична точка. Пандемијата со коронавирусот ќе го тестира изборниот систем во Македонија на начин на кој не сме биле сведоци досега. Пандемијата на коронавирус веќе се заканува на здравјето, безбедноста и интегритетот на претстоечките парламентарни избори. Не можаме да го игнорираме фактот дека овие избори го вклучија алармот дека вирусот претставува невиден предизвик и закана за изборите во јули и дека полека истекува времето за да се спречи можната катастрофа на изборите. Изборниот процес ја активира дилемата: како да се заштити здравјето на демократијата, додека се заштитува здравјето на луѓето. Дали ова е можно и како да се убеди граѓанинот дека изборите не се хазард во кој треба да бираат помеѓу здравјето и нашата способност да го дадеме својот глас за одредена политичка опција.

Изборите не смеат да станат настани што водат до нови епидемии. Овие избори ми личат на тоа. Не е доволно само граѓаните да бидат партиципиенти во изборниот процес, тој треба да ужива одреден степен на политичка легитимност што гарантира прифаќање на резултатот. Како можеме да го избегнеме дебаклот на изборите во јули? Како можеме да имаме избори што ќе бидат слободни, фер и здравствено безбедни? Како ќе го намалиме колективниот  страв од пандемијата што може да влијае негативно врз правата на граѓаните да го искористат својот глас? Ако не знаеме како, а не гледам дека знаеме, изборите лесно може здравствената криза да  ја трансформираат во демократска криза.

Кога станува збор за спроведување избори за време на вонредна здравствена криза, нема „сребрен куршум“. Мораме да бидеме подготвени дека коронавирусот може да го наруши изборниот процес на безброј начини, дури и тогаш кога се преземени сите здравствено безбедносни мерки за да ги ублажат потенцијалните проблеми. Со сегашниот пик на кризата со коронавирусот имаме добра причина да бидеме загрижени дека епидемијата може серизно да се замеша во изборниот процес, дискредитирајќи го исходот од парламентарните избори.

Во трката за власт и декларативната заложба за здравјето „пред се“, се уште не видов конкретни мерки за заштита на интегритетот на нашите избори, што е од суштинско значење за да се обезбеди доверба на јавноста во нашите демократски процеси. Не е доволно да кажете да се држи дистанца, носат маски, да се врши дезинфекција, да се води сметка за личната хигиена. Мора да имате детално разработени здравствени протоколи што ќе го заштитат интегритетот, пристапноста и безбедноста на изборниот процес. Такви се уште не гледам. А времето тече. Без вакви гаранции и доверба огромното мнозинство граѓани може да решат да останат дома на денот на изборите.

Премногу наивни, или премногу се прорачунати нашиве политичари од власта. А можеби стварно немаат поим дека изборите треба да бидат спротивни на „социјалното дистанцирање“. Дека изборите се јавни настани што намерно ги зближуваат луѓето за размена на идеи и пренесување спротиставени аргументи за идната насока на заедницата. Политичката кампања е за „приближување луѓе“, метафорички и физички, честопати преку масовни собири, што сега ги обесхрабрувааат здравствените работници, како премногу опасни вектори за потенцијална инфекција. Одење од врата на врата, распределбата на брошури во градските центри и масовните собири со активисти кои бараат поддршка, се знаци на здрави избори. Ова се „болни“ избори. Избори кои фундаментално ќе бидат поинакви поради пандемијата на коронавирусот.

Навистина ќе биде тешко да се победи на овие избори, или да се води кампања кога не можете да излезете и да ги запознавате луѓето лично. Мислам дека сите ние допрва ќе се справуваме со новата реалност на политичка кампања. Ова е сосема непозната територија за сите. Се прашувам колку виртуелните политички митинзи и средби со гласачите на интернет ќе функционираат во едно високо развиено дигитално општество кај нас, каде сеуште имате села без канализација и пат, а богами и струја. Замислете интерент кампања на свеќа. Како мислат да ја пренесат политичката порака во Годивље или во Бешиште, Тројаци, Штавица? Виртуелно? Ма дај да бидеме сериозни.

Кога гледам неспособна и немоќна  власт да се справи со коронавирусот, која наместо да го спречи неговото ширење успеа да го разгори, препуштајќи се на стихијата ме фаќа паника како ќе организира слободни и фер демократски избориво сенка на пандемијава. Имам впечаток дека се околу избориве е една голема импровизација. Тие импровизираа држава, мерки за справување со пандемијава, зашто не би импровизирале со избориве. Арно ама во услови на парализирана нација од страв од коронавирусот граѓаните не сакаат да слушаат за политика. Таков е мојот впечаток. Тие сакаат да слушнат за тоа како власта ќе им помагне во време на криза. Како здравствено ќе ги заштити. Затоа предупредував дека ова се избрзани избори. Избори ставени на респиратор. Оној политичкиот. Дали ќе преживеат допрва ќе видиме. Дали ние ќе излезиме здрави од нив и тоа допрва ќе  гледаме.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.