Изборите како темпирана бомба на Kоронавирусот

Не престанува вирозната авантура на Заев, избори по секоја цена на 21 јуни. Велат бил осамен во желбата за брзи избори во време на растечка пандемија на Коронавирусот. Ниту лидерите на партиите кои му порачаа дека сега не е време за избори, ниту народот го поколебаа во неговата намера изборите да се одржат 22 дена по истекот на вонредната состојба.

Оваа криза е временска машина за иднината на политиката. Како што пандемијата на Коронавирусот трајно го менува секојдневниот живот на граѓаните, има ист таков потенцијал длабински да ја трансформира политиката. Секаде, но не и кај нас. Очигледно Коронавирусот не ја суспендира политиката каква што ја познаваме досега, но не’ потсети на вистинската природа на автократска моќ.

Во демократија го имаме луксузот да чекаме на следните избори да ги казниме политичките лидери за нивните грешки. И затоа посакував брзи избори. Зашто сметам дека секоја власт треба да биде казнета за нејзините промашувања во политиката и економијата. Сегашнава не е исклучок. И до тука застанувам на страната на Заев. Но, сега го немам тој луксуз да одам на посакувани избори. Зашто брзи избори сега го отвораат прашањето за основниот опстанок. Се плашам дека сега политиката може да не’ убие, а не Коронавирусот. Затоа во овој момент изјавите од типот за брзи избори по секоја цена, ми изгледаат суицидални.

Ова е моментот кога не сакам да бидам оставен на милост и немилост на вакви политички лидери. Очигледно не можеме да го избегнеме елементот на самоволието во срцето на целата политика на поранешниот премиер. Заев проценил дека сега е моментот. Ми нуди избор кој не е тоа. Ме повикува да излезам да гласам предизвикувајќи го Коронавирусот, или да останам дома без право на глас. За жал не гледам што и кој може да го спречи во неговата намера. Ниту опозицијата, ниту пандемијата.

Хобс ќе запише дека да се практикува политичко владеење е да се има моќ на животот и смртта над граѓаните. Единствената причина поради која би можеле да му ја дадеме на некого таа моќ е затоа што веруваме дека тоа е цената што ја плаќаме за нашата колективна безбедност. Но, тоа станува застрашувачки кога им доверуваме живот и смртни одлуки на луѓе кои на крај не можеме да ги контролираме. А, Заев е таков. Во услови на смртоносна пандемија ми нуди паралелна реалност. Негова, која е привид на нормалноста. Пандемијата барем не’ освести дека кај него не постои демократска прилагодливост, туку автократска немилосрдност во желбата за власт.

На многу начини, кризите не ни кажуваат ништо ново, па ни оваа. Само го потврди она што веќе го знаевме, а тоа е дека нашиот политички систем се карактеризира со политика на маргинализација и горчливи партиски поделби, на штета на постигнување на она што треба да биде целта на политиката во услови на ваква глобална криза: заштита и зачувувување на здравјето на луѓето. Ваквата политичка дисфункционалност, која низ изјавите на лидерот на владеачката партија се продлабочува, буквално убива.

Коронавирусот се појави во најлошото можно време. Во услови на вжештени предвремени парламентарни избори, техничка влада, обвинувања и конкурентност на партиите. Првичната реакција на власта беше и остана обоена со политички обвинувања дека опозицијата ја користи кризата со Коронавирус за да ја поткопа власта и нејзините напори за справување со кризата. Дека не се грижи за здравјето на граѓаните, дестабилизира, и е целосно предавничка. Притоа, власта промовира политика на исклучување и исклучивост. Всушност целата политичка платформа на владеачката партија сиве години е дизајнирана да биде исклучувачка. Не само на опозицијата, туку и на народот.

Со години веќе ништо не може да ме изненади и разочара од политиката во државава. Особено не демагогијата на политички лидер од калибарот на Заев, чиј патетичен обид за брзи избори не е ништо друго до начин да се искористи и манипулира со стравот од пандемијата за политичка подршка. Да се маневрира со човечки животи, за да се исполни неговата проектирана и посакувана политичка агенда. Тоа е таа демократија која ми ја промовира, а која започнува зад кривата на пандемијата на Коронавирусот. А јас, поточно ние, треба да се усогласаме со неговите ирационални политички желби.

Наместо во време на криза и очај политиката да бара консезуална поддршка за мерките за нејзино ставање под контрола, рационално дејствување и однесување, како и потпора во науката и експертизата, наместо да видиме концентриран напор за ублажување на последиците од корона кризата и градење на поотпорна заедница на пандемијата, навлечени сме да се исцрпуваме во стерилни дебати за потребата, или не, од брзи избори.

А, сите знаат дека невозможно е да се предвиди што ќе се смета за изводливо и претпазливо во однос на изборите. Па, така барањето за брзи избори станува дефинирачки момент за македонската политика во моментов. Ја преобликува нашата перцепција за владата и нејзините политики. А, токму тие политики во моментов го прават вирусот многу посмртоносен, отколку што треба да биде. Затоа се плашам дека брзите избори се како временски темпирана бомба на Коронавирусот. Која отчукува. Се’ побрзо и побрзо.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.