Изборите недемократски, со системски притисоци, уцени и закани

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денес го оствари своето право на глас. Тој гласаше за вториот круг од локалните избори во општина Кисела Вода.

Груевски им се заблагодари на сите граѓани кои гласаа денес, пред се оние кои гласот го дадоа за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, но и на сите останати.

-Им се заблагодарувам на сите кои денес излегоа да гласаат и да помогнаа во градење на една демократска атмосфера која што за жал, во овој период не можевме да ја видиме. Имено, колку што имаше нерегуларности во првиот круг на гласањето, тие уште повеќе се зајакнаа во вториот круг. Претежно се манифестираат во две форми, едната форма е масовен поткуп на граѓаните како никогаш досега во Македонија, во заштита на полицијата контролирана од СДСМ и второто е закани, притисоци, уцени од страна на активистите на СДСМ претежно кон наши гласачи и активисти, но и кон други граѓани за кои не се сигурни дали ќе гласаат за нив, потенцира Груевски.

Тој посочи дека како што досега немало ваков поткуп, во Македонија не се забележани ниту закани од ваков тип.

-На секои избори имало поплаки од вакви закани, уцени, притисоци, но овој пат тоа е многуструко зајакнато. Луѓето отворено се уценуваат со губење на работа особено администрацијата со разни уцени, закани и кривични пријави. Тоа е масовно, тоа е организирано, тоа е системски. Како што поткупот е направен масовно, организиран и системски така и заканите, притисоците , уцените и заплашувањата се масовни и системски, рече Груевски по гласањето.

Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да биде скршено со ова и дека нивната борба допрва почнува.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.