Изборите во СДСМ – криво сраснување на идејата и порака за манипулација

Идејата за партиски избори со гласање на членството е добра за демократијата на една земја. Во секој случај за поздравување, иако не е новитет на нашата политичка сцена. Пред ваквиот избор на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ одржа избори во 1999 година, но за општински челници.

Нејсе, добра идеја со стари навики и во услови кога се има само еден кандидат.

Добрата се изгуби кога се кандидира само еден член на партијата, а тоа е актуелниот лидер на Зоран Заев, небаре сме во Северна Кореја. Се плаши ли Заев од конкуренција? Или, и пировата победа би била рамна на неуспех? Можеби скечот на К-15 од пред неколку години, кој се врти на социјалните мрежи, најдобро ја отсликува ситуацијата во партијата. Ваквата слика манифестира страв. Прво, од директен пораз и, второ, пораз на неговите политики, што ги претставува за успешни, особено во однос на националните прашања.

Од друга страна, колку и да се глуми демократија, тешко се искоренуваат старите навики кои се синоним за местенки, што на избори што во државата. Доволна слика за тоа е фотографијата на една ревносна членка на СДСМ која се дрзна два пати да гласа, а има само еден кандидат за претседател. Од една страна го манифестира начинот на дејствување на оваа партија уште од првите парламентарни избори во 1990 година, односно разно-разните „бугарски возови“, па до денес. А, од друга, да се прати психолошка порака до противникот дека се многубројни и дека им загарантирана победата на наредните избори. Но, ова значи и дека се подготвени по секоја цена да се останат на власт, без разлика која е цената на тоа.

Во таа насока дојде она другото – ние сме на власт и можеме да правиме што сакаме, кој ги врти заложбите за демократија и транспарентност. Ваквата реторика досега се покажала погубна за повеќе партии.

Па така, вчера домови на култура, музеи, сали на општински совети, училишта беа ставени во функција за партиските избори во СДСМ. Се поставуваат многу прашања за ваквата партиска активност, едно е одговорноста на министрите што дозволија гласање во училишта, музеи, домови на култура, а друго е кој ќе покрие трошокот на тие институции и на вработените.

Понатаму, многу државни ресурси, автомобили, обезбедувања се користеа за партиски избори. Се држеше прес-конференција за време на полициски час за да се соопшти победата на единствениот кандидат на изборите. Очај на моралот.

И она, за кое сите на големи врати трубат дека се борат со пандемијата на Ковид-19, а всушност се директни поттикнувачи на граѓаните да не ги почитуваат институционалните мерки во борбата против коронавирусот. Лошата слика за ова ја надополнија прво со ажурирање на членството, одејќи од дом во дом, а потоа и со самото гласање. Лошото е што првите луѓе во борбата против пандемијата се истопорија на гласањето, како министерот Венко Филипче и премиерот Заев.

Нормално, ќе одрекуваат дека некој ја раширил или се заразил од короната.

Со ова праќаат порака дека и во екот на постојан пораст на новозаразени и починати од Ковид-19 може да се организираат избори, односно претстојниот попис. Насилничкото опстојување на оваа идеја за одржување на пописот по секоја цена, покрај позитивните придобивки од него, укажува дека ќе има манипулации. Повеќе земји во Европа ги одложија пописите, а ние упорно опстојуваме на идејата да се одржи.

Добрата идеја ги покажа сите лица на партијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.