Изборни реформи за надминување на партократијата и подобра претставеност на граѓаните

Политичари, експерти и претставници на граѓанскиот сектор во средата во Скопје дебатираа за реформите што треба да се преземат во изборниот систем со цел да се добие изборен модел со кој ќе им се овозможи на сите да имаат еднакви можности.

За шефот на државата Стево Пендаровски, треба да се создаде повеќе простор за политички натпревар на различни идеи и за подобра претставеност на граѓаните како на централно, така и на локално ниво. Реформата, според него, би можела да вклучи и менување на бројот на изборни единици и воведување на отворени листи, пренесе агенцијата МИА.

„Само еден модел за подобро функционирање на демократскиот политички систем не постои. Затоа мојот неодамнешен став беше за поддршка на иницијативата за реформа во изборниот модел во насока на надминување на партократијата и поголема отчетност во партиите, особено при финансирање на изборните кампањи, создавање на повеќе простор за политички натпревар за различни политички идеи и за подобра претставеност на граѓаните како на централно, така и на локално ниво. Таа реформа може да вклучува и менување на бројот на изборните единици и воведување на отворени листи. Конечно, ако така се договориме, може да значи и целосна замена на пропорционалниот модел со мешовит или мнозински“, рече Пендаровски во воведното обраќање на конференцијата.

Изборите, како што рече, не почнуваат на изборниот ден и не завршуваат со пребројување на гласовите и објавување на резултатите.

„Нивниот вистински почеток не е дури ни со денот за започнување на изборната кампања. Бевме сведоци дека и при релативно мирен изборен ден и мирна изборна кампања, имавме масовно манипулирање на изборите односно на изборната волја на граѓаните. Една од причините зошто во извештаите на Европската комисија за напредокот на земјата бевме означени како заробена држава беше токму развиениот систем за масовна манипулација со изборите далеку пред изборниот ден“, истакна Пендаровски.

Од Владата велат дека се отворени за сите конструктивни предлози со цел да се внесат што е можно повеќе демократски решенија во изборниот систем.

„За овие процеси да бидат успешни треба сите партии застапени во Собранието да покажат подготвеност да учествуваат во овие реформи. Важен е гласот и на помалите, вонпарламентарни партии. Секој конструктивен глас треба да биде слушнат. Отворени сме за дијалог во полза на максимално демократизирање на изборните процеси во Република Северна Македонија“, порача премиерот Зоран Заев, кој поради присуството на Генералното собрание на Обединетите нации, се обрати со видео порака на конференцијата во Скопје.

Министерката за правда, Рената Дескоска, под чија надлежност во изминатиот период се одвиваа разговорите за Изборниот законик, најави дека во следниот период ќе продолжи дебатата која ќе биде посветена на имплементацијата на препораките на ОБСЕ, како и на прашањата за измени на изборниот модел и за отворените листи.

„ Наша заложба ќе биде да бидеме медијатор кој на некој начин ќе го координира процесот меѓу политичките партии, но сакам да потенцирам дека ниту една реформа во изборното законодавство нема да поддржиме доколку не добиеме консензус од политичките партии,“ порача Дескоска.

Завршена е и инсталацијата на електронскиот систем на население, кој е во фаза на тестирање и кој, според зборовите на министерот за информатичко општество, се очекува да биде пуштен во употреба околу 10-ти октомври.

„Ова не значи дека ние го правиме Избирачкиот список, туку ова ќе биде само дополнителна алатка која ќе и биде на располагање на Државната изборна комисија за Избирачкиот список да биде што веродостоен“, рече министерот Дамјан Манчевски на вчерашната конференција посветена на перспективите на изборните реформи.