Изборот на Азири – СДСМ повторно на колена пред ДУИ

Веќе над две децении, од формирањето на партијата на поранешните марксистичко-ленинистички бунтовници – ДУИ, социјалдемократите од СДСМ постојано се во дефанзива пред барањата на „четата“ на Али Ахмети – како и сега во случајот на изборот на првиот човек на обвинителството за организиран криминал и висока корупција – а, што често оди на штета интересите на државата.

Ноторна вистина е дека СДСМ од самото осамостојување на земјата – патем на што се противеше тогашно партиско водство – здушно работеше на преобликување на држава постојано во настојување да се задржи на власт. Односно, во прв ред, да се заштитат од одговорност за грандиозните дубиози, како и пред домашните институции, така и пред странските партнери. И притоа секогаш прават отстапки, што на штета на македонските национални интереси во сопствената држава и вон неа, и уште повеќе во срамотењето на Македонија на меѓународната сцена.

И веднаш да биде јасно, проблематизирањето на изборот на Ислам Азири за шеф на Обвинителството за организиран криминал не е поради тоа што станува збор за етнички Албанец, туку што сѐ повеќе станува јасно дека станува збор за партиско влијание врз неговиот избор. Поточно, многу брзо стана многу јасно дека иако досегашниот гостиварски обвинител се бранеше дека нема никаква врска со владејачката ДУИ, всушност е тесно поврзан со челниците на владејачката партија. А, тоа не можело да се случи без лобирање во обвинителската фела и без содејство на коалицискиот партнер СДСМ.

Имено станува збор за избор на личност со доста скромна обвинителска кариера, но со експресен напредок. Абази кој треба да гони кривично за организиран криминал и корупција, имено, во досегашната децениска кариера немал речиси никакво искуство, според судскиот портал. Само во два случаи, и тоа како Виш обвинител, гонел функционери и тоа на ниско ниво, од кои едниот го загубил, но во повторување на постапка го добил предметот како Виш обвинител. Пред десет години гонел и за злоупотреба на службена положба. Во 2012-та гонел директор на приватна фирма кој што злоупотребил државна помош за вработување на хендикепирани лица, а предметот не го довршил, туку се откажал од обвинението и го препратил случајот на граѓанска постапка.

Самиот тој смета дека непосредни избори на коишто колегите гласале за него, се гаранција да нема никакви надворешни влијанија, ниту политички, ниту бизнис или лоби групи. А, притоа, бидејќи не се појавил пред фелата да ја претстави својата програма, туку ги запознал колегите со „директна комуникација“, самото посебе се наметнува прашањето за компетентноста на Азири. Барем, која станува збор за дејноста, но што очигледно е компензирана со „случајните“ фотоси со челниците на ДУИ кои поитаа да му честитаат и преку социјалните мрежи.

А, дека станува збор за избор зад кој стои партиската подобност, зборуваат реакциите на водечките луѓе од правната фела, која сигурно многу добро е запознаена со потенцијалите на секој од нив. Меѓу нив, е и професорката Мирјана Најчевска којашто смета дека зад изборот стои ДУИ, да потсетиме Абази е со потекло од Зајас, родното место на Али Ахмети, и дека обвинителите кои одобриле ваков избор без никакви критериуми треба да бидат сменети и да добијат забрана за вршење на обвинителска дејност.

„За мене овој избор е само уште една цигла во зградата на мафијата која ја држи државата во заробеништво Изборот на човек кој е отворено поврзан со ДУИ и за чиј избор отсуствуваат било какви објективни критериум зборува за недостатокот од критична маса на обвинители со елементарен интелектуален и морален капацитет и во секој случај е јасен показател за неспремноста на актуелната владејачка структура за вистинска борба со криминалот“, напиша во фејсбук објавата Најчевска.

Според неа, на обвинителите „изгледа ептен им се допадна работењето на Катица Јанева и се обидуваат да го етаблираат моделот на ново ниво. А, сега осудената шефица на поранешното СЈО, ја спомнува и професорот Гордан Калајџиев.

„Обвинителството треба да биде еден од столбовите на правната држава! Обвинителот што го “избраа” не го познавам, како што не ја познавав ни Катица…. Рибата смрди од главата“, коментира Калајџиев.

Споредбата на Абази со Јанева е честа и меѓу адвокатите, кои жестоко реагираа преку објави на социјалните мрежи и изјави за медиумите. Сублимирано, адвокатската фела смета дека проблемот е во врвот на Јавното обвинителство, во тимот на државниот обвинител од каде бил обезбеден клучниот број гласови за Абази, кој беше со најмало искуство во конкуренцијата за нов обвинител за гонење организиран криминал и корупција. Многумина од нив, сметаат дека одговорноста за изборот на досега сосема анонимниот и во правничките кругови обвинител Абази, паѓа на неговите гласачи – обвинителите.

По изборот досега и за своите колеги анонимниот Абази, од кого медиумите во претходните денови не можеа да најдат ниту фотографија, во јавноста е неподелено мислењето дека ДУИ си добиле шеф на обвинителство за гонење организиран криминал, прво поради потеклото на Абази од Зајас, а потоа и поради тоа што првата честитка за изборот му стигна од функционер од ДУИ, заменик-министерот за правда Агим Нухиу.

А, бидејќи многу добро е апсолвирано влијанието на политиката во правосудството, затоа што земјата постојано добива негативни оцени на меѓународната сцена и при рангирања, без дилеми се наметнува впечатокот дека зад изборот на Азири, настрана неговиот вистински професионални перформанси, стои политиката. Поточно владејачката коалиција СДСМ и ДУИ.

И тука се поставува прашањето, зошто социјалдемократите му ја препуштаат на ДУИ важната функција за личност со проблематична компетентност, којашто ќе биде и под строг меѓународен мониторинг. Може да се претпостави дека, без голема можност за погрешна перцепција, дека во СДСМ покрај уште една во низата отстапки кон коалицискиот партнер кој секогаш ги потсетува дека всушност ги донесе и ги одржува на власт, добиле гаранции и дека ќе бидат заштитени од дејствијата на институцијата на којашто е инсталиран Азири.