Избран првиот афроамерикански градоначалник во историјата на Алабама

По пребројувањето на гласовите во вториот круг на локалните избори во Монтгомери, Алабама, синоќа за победник беше прогласен Стивен Рид, првиот афроамериканец избран за градоначалник на овој град, во историјата познат како место каде започна движењето за граѓански права на црномурестото население во САД.
Рид, окружен судија за тестаментални дела, го победи Дејвид Вудс, бел бизнисмен, сопственик на регионален ТВ канал. Двајцата не се партиски определени. Рид доби 67 осто од гласовите на излезените избирачи, околу 60 отсто од населението на Монтгомери, каде живеат 200 илјади жители, се афроамериканци. Учество земаа десетмина црномурести кандидати.
Во историјата Монтгомери е познат како град кој станал првата престолнина на Конфедеративните Држави на Америка, конфедерација создадена пред почетокот на Граѓанската војна, после истапувањето на 13 јужни робовладетелски држави од составот на САД.
Монтгомоери исто така е познат како град каде во 1955 година започнаа протестните акции против дискриминација на афроамерикаците во јавниот транспорт, или таканаречениот Бојкот на автобуските линии. Бојкотот траеше цела година и заврши со одлука на Врховниот суд со која се призна незаконитоста на расната сегрегација во јавниот транспорт на САД.
Еден од лидерите на бојкотот беше Мартин Лутер Кинг, истакнат лидер на движењето за човекови права во САД.
Интересно е дека судијата Рид во 2012 година станал прв афоамериканец во историјата на округот ставен на таа функција. Во 2015 година тој стана првиот судија кој донесе одлука за склучување на еднополов брак во Алабама.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.