Избрани замениците министри во Владата

Со 71 глас „за“ и еден „против“ Собранието денеска го прифати предлогот за именување заменици- министри во Владата.

Од 15-те заменици-министри, деветмина повторно добиваат мандат, а останатите шест првпат ќе имаат шанса да извршуваат ваква функција.

Премиерот Никола Груевски истакна дека се работи за лица кои се подготвени да ги вложат своето знаење и искуство во спроведувањето на програмата на Владата.

– Се работи за луѓе кои верувам ќе ја оправдаат довербата на функцијата заменик-министер. Најголем дел од нив се искусни во дејноста и имаат управувачко раководно искуство. Сите се подготвени да го вложат својот максимум, знаење, креативни капацитети и искуство и да помогнат во спроведувањето на програмата на Владата, изјави Груевски, кој додаде дека тие со својот капацитет, зрелост и искуство ќе дадат сериозен придонес во спроведувањето на владината програма.

Премиерот исто така им се заблагодари на сите оние кои досега ја извршувале функцијата заменик министер.

За заменик-министер во Министерството за одбрана е назначен Арбен Љабеништа, за заменик-министер за внатрешни работи Земри Џамиљи, за заменик-министер за правда Билјана Бришковска-Бошковски и  за надворешни работи Драгана Кипријановска. Истата функција во Министерството за финансии ќе ја извршува Ардијан Џељадини, во Министерството за економија Христијан Делев и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.

Заменик-министер за здравство е Јовица Андовски, заменик-министер за образование Спиро Ристовски, заменик-министер за труд Ибрахим Ибрахими, заменик-министер за локална самоуправа Љупчо Пренџов, заменик-министер за култура Драган Недељковиќ, заменик-министер за информатичко општество Марта Арсовска-Томовска, заменик-министер за транспорт и врски Ниметула Хаљими и за заменик-министер за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски.