Избрано иновативно решение за повикот „ПристАПП транспорт“

Иновативното решение на компанијата „Некстсенс ДОО“ е избрано како прворангирано на Јавниот повик за финансирање на проект за изработка на информациски систем за управување во областа на патничкиот и товарниот сообраќај, финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во соработка со Министерството за транспорт и врски.

Проектот ќе трае девет месеци, а износот на доделениот грант од страна на ФИТР е 4.522.722,00 денари.

Одлуката, како што информираат од ФИТР,  ја донесе Комисијата за избор составена од Иван Чорбев, претставник од ФИНКИ, Драган Јовев, претставник од Министерството за транспорт и врски, Никола Николов, претставник од Министерството за информатичко општетство и администрација, Александра Чавдаревска, претставник од МАСИТ и Тања Илијевска претставник од Фондот за иновации и технолошки развој.

-Проекот „ПристАпп Информациски систем за управување во областа на патничниот и товарниот сообраќај“ ќе овозможи стандардизација и дигитализација на секторите поврзани со превоз на стока и патници. Целта на новото софтверско решение е да обезбеди поефикасен и потранспарентен процес на издавање  различни видови  дозволи и документи за да се зголеми ефикасноста и работата на Министерството за транспорт и врски и да се понудат поквалитетни услуги во секторот транспорт, велат од ФИТР.

Новиот систем, додаваат, ги опфаќа сите фази од постапката од електронското аплицирање во патничкиот линиски превоз, како и транспортот на стока, предвидени со Законот за превоз во патничкиот сообраќај, управување на постапките за одобрување решенија, па сѐ до издавање на лиценците и дозволите.

-Истовремено, со ова системско решение трошоците за изработка на новиот софтвер и негово одржување ќе се намалат за 52 отсто во однос на системот кој досега се применува. Овој систем, исто така, ќе овозможи интеграција, стандардизација на податоци и процеси и зголемена комуникација меѓу инволвираните страни со цел да се постигне високо ниво на соработка и размена на податоци со останати системи од други институции. Системот ќе биде дел од националната платформа на интероперабилност. Дополнително, како дел од ова решение ќе се создаде и Централен регистар на транспортери со информации за сите типови на транспортни компании, според нивните податоци и дејноста, прецизираат од ФИТР.

Со цел да се осигура квалитетот на проектот и ефикасна имплементација на издржано техничко решение кое ќе биде во полза на сите корисници на системот, нагласуваат, ФИТР, Министерството за транспорт и врски и ФИНКИ ќе спроведуваат надзор на квартално ниво.

Проектот ПристАпп е дел од ицијативата на ФИТР за Примена на иновации во јавниот сектор преку кој треба јавните институции да станат поефикасни, потранспарентни и да понудат поквалитетни услуги за граѓаните.