Избркан од работа претседателот на Синдикатот на „Водовод“

В.д Директорот на ЈП Водовод и канализација  Скопје, Марјанче Митовски продолжува со своето шерифско однесување и утринава спротивно на Закон и колективен договор му дал отказ на претседателот на Синдикатот во Водовод и канализација Скопје. Ова е преседан во работењето имајки во предвид дека в.д директорот е непресметлива личност , со конфликтна состојба на работа, со лоши мисли, кој смислил дека како одговор на најавениот штрајк во ЈП Водовод и канализација сега е моментот да му даде отказ на претседателот на синдикатот Стојанче Кашиковски, соопштија од Сојузот на синдикатите на Македонија.

„Согласно Закон и колективен договор на претседателот на синдикат не може да му се даде отказ, особено поради тоа што во моментот се спроведува постапка за штрајк и ваквиот притисок е порака за работниците да бидат послушници на Митовски кој веќе и им испраќаше и заканувачки пораки на сите работници кои сега се остваруваат и покрај предупредувањето од Синдикатот СУТКОЗ при ССМ што беше и едно од главните барања за разрешување на в.д директорот.

Со давањето отказ на претседателот на синдикатот Кашиковски, нема кој да го спречи Марјанче Митовски во остварување на неговите лоши мисли, опасни по безбедноста на изворите од кои се снабдува со вода градот и граѓаните на Скопје, а за што синдикатот јавно предупредуваше дека ќе се случи, а сега со активностите на в.д директор и се потврдува тоа.

Отказот е даден поради тоа што конфликтниот Митовски лошо смислил дека работникот Стојанче Кашиковски е должен да извршува работни задачи и обврски за време на годишен одмор, а единствено одговорно лице кај правното лице  согласно Статутот на ЈП Вододовод и канализација Скопје за извршување на тие задачи бил токму Митовски во својство на в.д директор.

Бараме итна седница на Управниот одбор кој како второстепен орган во претпријатието е надлежен да одлучува по приговори и жалби и да го укине незаконското Решение за изрекување на дисциплинска мерка престанок на работен однос, а Управниот одбор да утврди зошто Митовски не ги спроведува ниту нивните Одлуки што е основ за негово разрешување.

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска наместо да се пресметува со своите неспособни кадри кои се нејзин личен избор да раководат со јавните претпријатија, преку осуденици, лица со лоши мисли и непресметливи лица се пресметува со синдикатот што го нема ниту во земјите кои имаат диктатори за владетели, а веројатно и градоначалничката се однесува така.

Синдикатот поради тоа што не може да ја најде градоначалничката Арсовска ниту под дрво ниту под  камен, ќе ја пречека на одбележување на денот на ослободувањето на градот Скопје каде што ќе се појави и пред целокупната скопска и македонска јавност ќе побара одговорност од неа и нејзините лични соработници – осуденици со дијагнози од невропсихијатар.

Ваквите постапки е уште пострашно што доаѓаат во време на отпочната постапка за помирување и определен помирувач од страна на Министерството за труд и социјална политика, додека синдикатот ги почитува законските одредби, а Митовски, шерифски уште еднаш најгрубо ги прекршува законските одредби“, соопштија од  ССМ.