Избрканиот доктор што ја фотографираше неписменоста на таблата заминува во приватно здравство

Доктор Мирослав Гроздановски, кој доби отказ на три години до пензија откако ја фотографираше погрешно напишаната табла за дерматовенерологија во поликлиниката Букурешт, заминува во приватното здравство.

Доктор Гроздановски за „Слободен печат“ вели дека е уверен дека причината за таа прераспределба е самиот факт што ја фотографирал таблата, како еден вид на одмазда.

-Имам неколку понуди во приватното здравство и од септември ќе прифатам една од нив. Морам да ја сервисирам мојата егзистенција. Чекав, културно напоменав дека решението за моја прераспределба дојде еден ден откако ја фотографирав таблата погрешно испишана, но нема одговор од надлежните. Искрено ми е жал што повеќе нема да им бидам на услуга на пациентите во системот Мој Термин, за терапија, помагала, мислење за туѓа нега, боледувања, зашто тоа можев да го правам само во државното здравство а не во приватното. Меѓутоа, морам да се грижам за мојата егзистенција. Општествениот фактор е глув, учтиво чекав и цивилизирано, барем да се извинеа, но ништо, изјави доктор Гроздановски за „Слободен печат“.